Кој ќе го има мнозинството? – За Ахмети власта е стабилна, Заев: Разговараме со Алтернатива

//

Кој ќе го има мнозинството од понеделник? Дали бројот на пратениците ќе порасне кај опозицијата или кај власта. Лидерот на ДУИ Али Ахмети во вчерашниот магазин Клик плус на ТВ21 изјави дека Владата е стабилна и нема простор за ново парламентарно мнозинство кое го заговара ВМРО-ДПМНЕ. Ахмети за најавата на премиерот Заев дека доколку го изгуби Скопје ќе даде оставка, вели дека тоа не е добро. Ова се локални а не парламентарни избори, истакна тој.

„Парламентарното мнаозинство е стабилно. Нема никаква криза. Ни претстои многу важен процес, отворање на преговорите за членство во ЕУ. И не може господин Заев да се повлече од оваа мисија, бидејќи пред една година презеде таква одговорност“, истакна Али Ахмети.

И премиерот и лидер на СДСМ Зоран Заев, потврдува дека и неговите коалициски партнери, но и партнерите во власта остануваат заедно. Тие тоа го изјавија јавно и нема простор за некакво преминување бидејќи веруваме во политиките кои заедно ги правиме, вели Заев во интервју за Клан Телевизија. Тој најави и дека се водат разговори со Алтернатива за зголемување на мнозинството.

„Очекуваме да расте ова мнозинство, затоа што имаме две и пол години период без избори. Во тие две и пол години од 62 до 64 е добредојдено. Затоа што видовме пандемија трае се уште во државата и треба оперативен и ефикасен парламент на државата. Но и треба зајакната владејачка структура и јас сум убеден дека владејачкото мнозинство ќе порасне, многу често ги коментирам овие работи како ќе порасне, ќе порасне затоа што има интерес од опозициони политички партии да дојдат кај нас. Имаме амбиент на соработка, вратата на соработка кај нас останува отворена. Тоа е потврдено и од ДУИ и од Беса и од ДПА. Значи потврдено е од сите три коалициони партнери. Влезот на Алтернатива во Владата, во парламентарното мнозинство нема да биде на сметка на Беса“, посочи Зоран Заев.

Од друга страна опозицијата и натаму тврди дека новото парламентарно мнозинство ќе го прават тие и тоа од понеделник веднаш по завршувањето на изборите. Арбен Таравари од Алијанса за Албанците на својот фејсбук профил тоа го навестува.



„Сега се гледа дека сме на праг на ново владино мнозинство, каде најголем приоритет ќе биде економскиот развој со помош на бројни домашни и странски експерти и со искористување на гратис фондовите што ги дава ЕУ, а тие не знаеја да ги искористат ниту „подарените“ пари“, порача Арбен Таравари.

За создавање ново парламентарно мнозинство веќе подолг период зборува опозициската ВМРО-ДПМНЕ од каде што уверуваат дека по завршувањето на локалните избори тие ќе обелоденат дека тоа е формирано.

Претходна статија

СДСМ, Саша Српче, Данела и двојниот аршин

Следна статија

За Данела Бугарката и за Ване Македонецот

Најново од Вести