Пирамиди, железница, корупција

//

Пишува: Владимир Перев

Во нашата Македонија работите се одвиваат со таква брзина, што човек, пренатрупан од сѐ нови и лажни сознанија во тековниот ден, заборава на она што се случило вчера. Како некој намерно да произведува сѐ нови и нови случаи на продавање магла, за да се заборви суштината на проблемите кои ја измачуваат државата.

Христијан Мицкоски сите нѐ изненади со изјавата за Цар Борис Трети и за Ванчо Михајлов. Не ни кажа ништо ново, но со оглед на фактот дека не знаеме многу (или знаеме погрешно!) за оваа работа, тоа ни го одзеде вниманието. Просто речено, не е важна изјавата на Мицкоски за Ванчо и цар Борис. Тие се мртви одамна, но сега се најживи, овде меѓу нас и благодарение на сите нас. Во Македонија има и михајловисти и ројалисти на страната на Кобурзите. Па повеќе од 200 илјади наши предци војувале под знамињата на Кобурзите и под црно-црвеното знаме на ВМРО, денешниот актуелен дрес на ФК “Вардар“! Значи, има континуитет!

Некаде во сенката на Ванчо и Борис, остана отворено прашањето за железничката врска Скопје-Ќустендил-Софија. Тоа прашање е отворено веќе 150 години и не се затвора заради шовинистичката политика на Беград и Атина, редовно поддржани од Москва, но и полтронството на нашите, македонски раководители од 1945 година наваму. Ни бугарските комунистички раководители не беа подобри.

Како сето ова да е малку, па еден од потпредседателите на ВМРО ДПМНЕ, Александар Николовски на некаква конференција во Мастрихт се заложи за добивање грантови за Македонија, Србија и Грција за изградба на “брза пруга“ низ Србија и Македонија, за Европа да се поврзела со “својот југ“. Сето тоа во време кога надолго и нашироко се расправа за нужноста на пругата Скопје-Софија. Истовремено се појавија и написи по медиите дека пругата кон Бугарија е “големо промашување“, со сугестии истата да не се гради. Немало економски интерес, била само стратегиски проект!? Повторно во игра се руско-српско-грчките интереси и отворената омраза и презир кон Бугарија…даже и повеќе, немањето желба за сопствена, македонска комуникација со Софија.

Одново се враќаме на почетокот и одново, по сто и педесет години зборуваме за железничко поврзување меѓу Скопје и Софија. Почнало уште од турско време од паметните турци, ама работата ја уништиле глупавите каури обвиени со шовинизам, така некако се случиле работите. Колку за споредба, градбата на пирамидите, според науката траела по дваесет години, а за Кеопсовата, некои сознанија говорат дека е изградена за нешто повеќе од десет години. Била градена од мајстори, работници, слободни луѓе, а не робови. СССР покажа дека робовскиот систем наложен во гулазите, не дава ниту продукт, ниту профит, туку е само систем на одмазда. Канадската Тихоокенска железница е градена во 19. век и 12000 милји се изградени за десет години, под неверојатно тешки услови на терен и ниски температури. Ја граделе слободни луѓе, платени за својата работа. Дали ние “градиме“ во некој свој постсоцијалистички гулаг!? Или, парите кои досега се вложени се во сериозен расчекор со направеното. Ако е така, каде е Јавниот обвинител? Дали изјавите на висок функционер на ВМРО за приоритетите во “кроењето“ на железничките коридори говорат за елемнтарно занемарување на балканската реалност, македонската држава во таа реалност, или се инспирирани од претходни коруптивни дејствија на партијата кога била на власт. Тоа се прашања за актуелната власт.

Мислењето на Мицкоски за континуитетот во ВМРО не е важно, како и она на Груевски или пак на Георгиевски. Континуитет има, тој е содржан во името и никој никого не прашува дали е задоволен од тоа. Пример се Србија и Караѓорѓевиќ…убиецот на Седумте секретари на СКОЈ и многу други злосторства низ Македонија, Хрватска и низ целата Југославија. Сепак, тоа е Србија и тоа никој не може ниту да и го одземе, ниту да ја амнестира, тоа е нејзиниот и нашиот фатум.



Зошто Мицкоски не сака да проговори за железницата и криминалите…да каже дека железницата и мостовите се симбол на поврзување, но и дека можат да бидат и симбол на покорување…затоа и ги рушат.

Време е лидерот на ДПМНЕ да се ослободи од империјалниот стил на судење и опсудување за “вашата“ и “нашата“ историја, за некакво бугарско “малцинство“ и слични други навредливи изјави.

Тоа е стерилна политика, заснована на националистички пароли и комплетна неефикасност…експлоатација на човековите страсти за пресметка со неистомислениците. Заедно со најблиските соработници, не да оди и бара грантови за брзата пруга до Солун, туку да се обрати на европските институции, за грантови за пругата кон Софија. Таа е од стратегиска важност за опстојувањето и благодетот на Македонија, народот и ако баш сакате, македонската нација. Сето друго е само јавно прокламирана покорност кон Белград и Москва, или пак отплата на коруптивни дејности во блиското минато.

Конечно, треба да биде јасно дека Европа нема да даде пари за продолжување на “брзата пруга“ од Ниш до Солун, низ Македонија. За тие пари да бидат одобрени, треба да се согласи и бугарската држава, тоа се пари и на бугарските даночни обврзници. Тоа нешто нема да стане. Невозможно е и странски капитал, под формата на “кинески пари“ да влезе во Македонија за таа намена. Нема да се добие согласност од Брисел. Транспортниот јазол во Скопје е премногу важен за ЕУ како трансфер на стоки, луѓе и идеи меѓу Скопје и Драч, тоа нешто има приоритет и никакви национални политики на Србија тоа не можат да го променат. Безбедноста на Европа зависи од непречениот проток на стоки и луѓе по линијата Црно море-Јонско море и тоа е примарна цел. Затоа, јалови се напорите на ДПМНЕ за форсирање на линијата Белград-Солун-Атина и ставање на Македонија во подредена положба. Тоа трае веќе сто и педесет години и време е да биде променето. Бугарија не е веќе држава од нашето минато, тоа сега е земја која е фактор на стабилноста на Балканот и фактор во одбраната на европските ценност и. Така, тоа ќе биде и промена на трагичната судбина на земјата и сите народи кои живеат овде.

ВМРО видело многу поделби и разделби. Поделени на протуѓеровисти и михајловисти, на санданисти, федералисти, дури и коминтерновци. ДПМНЕ по 1990 година доживеа неколку поделби и разделби, од кои најважната поделба ја направи ВМРО Народна. Вртењето со опашката кон Белград и Москва ќе донесе нова поделба, на ВМРО руска и ВМРО европска. Ова е само израз, ВМРО не се дели, се дели ДПМНЕ! Изборите на кои секојдневно неколкукратно сѐ повикува, може да бидат неговата пропаст. …ова е “разделно време“ а Мицковски тоа треба да го знае!



Претходна статија

Зошто Бујар Османи дојде во Софија?

Следна статија

Како престанав да го читам весникот Стршлен

Најново од Истакнато

Последниот атентатор (8)

Спомени на Крсто Петрушев (1913-2007) од Богданци, припадник на ВМРО, запишани од Владимир Перев. На почетокот