|

Комитет за финансиска стабилност: И покрај повеќето кризи стабилноста на финансискиот систем е задржана

И покрај повеќето кризи стабилноста на финансискиот систем е задржана, а ризиците останаа на умерено ниво. Минатата година финансиските институции работеа во поповолен макроамбиент и остварија солидни резултати и продлабочена финансиска интермедијација. Но сепак, и натаму постојат ризици и неизвесности главно поврзани со надворешното окружување и влијанието на геополитичките превирања и геоекономската фрагментација. Ова се дел од констатациите од денешната седница на Комитетот за финансиска стабилност, којшто се одржа во Народната банка.

Со седницата претседаваше гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, а учествуваа и министерката за финансии, Гордана Димитриеска Кочоска, претседателката на Комисијата за хартии од вредност (КХВ), Нора Алити, претседателот на Советот на експерти на Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС), Максуд Али и претседателот на Советот на експерти на Агенцијата за супервизија на осигурувањето (АСО), Крсте Шајноски. На седницата беше разгледан Извештајот за финансиска стабилност во 2023 година, при што беше истакнато дека билансите на домаќинствата и на корпоративниот сектор се со солиден капацитет, што обезбедува отпорност на шоковите и на затегнатите услови на финансирање. Сепак, со оглед на растот на задолженоста има потреба од натамошна внимателност и од страна на финансиските институции и од страна на финансиските регулатори при водењето на макропрудентните политики на, како поддршка за одржувањето на финансиската стабилност и во следниот период.

Говорејќи за банкарскиот сектор, Ангеловска-Бежоска посочи дека и минатата година адекватноста на капиталот продолжи да се зајакнува што е предуслов за повисок кредитен раст, но и за поголема отпорност на банкарскиот сектор од кризи. Ова е резултат и на внимателното однесување на самите банки, но и на регулаторните мерки во услови на позитивни финансиски резултати во работењето. Со тоа беше остварено и натамошно приближување кон стапката на адекватност на капиталот во ЕУ, која е повисока од нашата. Квалитетот на кредитно портфолио на банкарскиот систем се задржа на ниво кое е подобро во споредба со преткризниот период. Како резултат на добрата билансна позиција на банкарскиот систем продолжи да забрзува и кредитниот раст за поддршка на компаниите и граѓаните. Сепак, со оглед на присутните ризици, потребно е внимателно следење на состојбите и натамошно градење на отпорноста на банкарскиот систем.



Слични Објави