КОНЦЕРТ „БЕСМРТНОСТ“ НА МАКЕДОНСКАТА ФИЛХАРМОНИЈА

„Бесмртност“ е насловот на претстојниот симфониски концерт на Македонската филхармонија што ќе се одржи утре (31 јануари). Под диригентство на маестро Сашо Татарчевски, концертот ќе биде посветен на творештвото на музичкиот гигант Лудвиг ван Бетовен. На програмата се неговите моќни дела: Увертира за именден оп. 115, Хорска фантазија за пијано, хор и оркестар оп. 80, како и Симфонијата бр. 2 во Де-дур. Како солист ќе се претстави македонската истакната пијанистка Нина Костова-Јаневска, една од најдобрите пијанисти од поновата генерација музичари. Ќе настапат и хорот „Драган Шуплевски“ од Факултетот за музичка уметност, професионалниот хор „Про арс“ и солистите: Јаворка Витанова и Мартина Нанеска – сопрани, Бојана Јованова – алт, Јане Дунимаглоски и Шинаси Рамадан – тенори и Мартин Блажевски – бас.