ВАКЦИНИРАЈ ОВА ОНА…

Истакнато Краток спој Позиција

Чудото деновиве се вакцините… да потсетам дека Република Македонија се наоѓа во историски момент од своето постоење!!! Простете ми ги извичниците, но веќе е доцна за недоречености.

Македонија треба да се подготвува за последици со кои не е лесно да се справиш. Македонија не е доволно зрела да се справи, а ете и граѓаните дозволуваат да се однесуваат со нив како да се 5-6 годишни деца кои лесно можат да се излажат.

Граѓаните се во колапс. За нив е нормално тоа што во нашата земја одредени работи се толку уназадени што дури ми е непријатно да ги коментирам… еве ви најобичен пример:

Во Македонија, во голем и убав град Штип е нормално човек да работи при екстремно тешки услови и да биде платен со минималец, а некои и покрај тоа што работат во тешки услови, дури не се ни платени. Работат онака од што се ОК луѓе.

Првиот пример што ќе го дадам доаѓа од едно видео што го видов на профилот на Петар Колев. Снимал човекот како во 21 век ние користиме практики од пред 2 века и тој што ја извршува таа макотрпна работа е платен со мизерни пари. Ете тоа нека му биде задача на Бочварски, кој јас сум го нарекувал кметот на Рим. Па господине Бочварски вака сеа… не сте свесен колку политички поени ќе направите ако барем малку не почнете да ги забележувате работите, како што ги забележува г-н Колев. Или најдете начин чистењето на снегот и борбата со ледот на патот да се одвива со посовремени алатки и во подносливи услови или барем не го ставајте во таква ситуација вработениот… нека знае дека заради лошите услови за работа тој ќе добие и достојна плата… оти плати од 12-16-18 илјади, колку и да се, не се достојни.

Им го зедовте достоинството на луѓето и ретки се тие кои тоа го забележуваат. Токму тие луѓе се потребни, тие луѓе се будни, а се трудат со сетни сили да им ги отвораат очите и на другите.

Еве ви проблем… Во Македонија се тоне и тоа е нормално, оти веќе ни влегоа и во главите наметнувајќи ни ги темите за кои треба да се замараме, за да немаме време за оние вистинските, што бараат итно решение.

Вториот пример доаѓа од еден мој драг човек доктор-гинеколог, на чив facebook профил прочитав (мислам, ако се познае и укаже дека грешам нека ми јави) дека веќе не знае како да му се правда на син му, зошто не го гледа доволно дома. Да, тоа е страшно и за жал е масовна практика, еден куп луѓе не можат да се оправдаат пред своите деца, за тоа дека немаат доволно време за нив. Мојот пријател и неговите колеги дежураат за без пари оти се специјализанти. Мојот пријател и неговите колеги работат во екстремни услови и секој би се запрашал зошто воопшто уште се во Македонија. Тие се вистинските патриоти, бидејќи можат со чиста совест да фатат магла во земја во која ќе работат исто така напорно, но во многу поинакви услови и за многу поразлични пари.

Ете ви две прекрасни теми за размислување…

За вакцините што да ви кажам. Ете приватно борците против вакцините можат да си се здружат и да си направат нивна градинка за невакцинирани деца. Може да стане убав проект… најубавата детска градинка за невакцинирани се наоѓа во Македонија. Убаво звучи нели? Ете ви патриотизам на дело. Нема потреба тоа дали во градинка ќе се пуштат невакцинирани деца да биде главна тема. Таа поделба на вакцинирани и невакцинирани е само последица од тоталната деградација што и се случува на земјата. Министерот не чини, ги дели децата- ок бате, ние што ги следиме советите на надрилекари, билкари и бајачи ќе си направиме наши градинки и толку.

Пак ќе речам Македонија се наоѓа пред огромен предизвик, а ние наместо да се подготвиме за него, дозволивме нова поделба да ни наметнат. Си велам дека еден ден ќе ви текне дека граѓаните се тие што судат, а не овците. Не се однесувајте како ОВЦИ.

Автор: Батко Тане