Концерт „Вечер на романтични серенади“ вечерва на Скопско лето
Вечерва (06.07.2026г. – понеделник), во Сули ан со почеток во 20:30 часот ќе се одржи концерт насловен „Вечер на романтични серенади“ во изведба на НУ Камерен оркестар на Битола.
Проектот „Вечер на романтични серенади“ претставува концертна програма посветена на романтичниот музички израз, лириката и длабоката емоционалност во класичната музика. Замислен како суптилно, елегантно и уметнички заокружено музичко доживување, концертот има за цел да ја доближи до публиката убавината на романтичната оркестарска литература преку внимателно одбрани дела од значајни европски композитори.
Под диригентската палка на Владимир Димовски, програмата ќе понуди вечер исполнета со топлина, интимност и безвременска музичка романтика. На програмата се предвидени дела од Едвард Елгар и Петар Илич Чајковски, автори чие творештво носи силен емотивен набој, богата мелодичност и препознатлива романтична естетика.
Билетите се во продажба на karti.com.mk, а ќе се продаваат и на влезот на Сули ан пред почетокот на настанот.

