Конвергентниот извештај ја претвора Бугарија во 100% европска држава
На 4 јуни се очекува Бугарија да добие позитивен конвергентен извештај од Европската комисија и Европската централна банка, што ќе го отвори патот за нејзино целосно членство во еврозоната, јавува БГНЕС.
Вонредниот извештај беше побаран од владата на премиерот Росен Желјазков во февруари.
Извештајот треба да биде изгласан од Европската комисија. Се очекува да биде потврдено дека Бугарија ги исполнува основните критериуми и е подготвена да ја прифати единствената валута од 1 јануари 2026 година. Оваа подготвеност е потврдена и од податоците на бугарската и европската статистика. Инфлацијата во Бугарија изнесува 2,8% и не е за повеќе од 1,5 процентен поен над просечната инфлација во трите држави со најдобри резултати. Бугарија ги исполнува и останатите критериуми поврзани со стабилноста на јавните финансии и девизниот курс.
Откако ќе добие „зелено светло“, министрите за финансии од Еврогрупата ќе ги разгледаат извештаите на ЕК и ЕЦБ на состанокот на 19–20 јуни во Луксембург.
На самитот на ЕУ, кој ќе се одржи на 26–27 јуни, извештаите ќе бидат разгледани и од лидерите на Унијата.
На 30 јуни Европската комисија ќе даде предлог за фиксирање на курсот, при што не се очекува тој да биде различен од сегашниот курс фиксиран од валутниот одбор.
Конечната одлука за влезот на Бугарија во еврозоната треба да дојде на 8 јули. Со тоа Бугарија ќе стане 100% полноправна членка на Европската унија, откако на почетокот на оваа година стана дел од копнениот Шенген.
Влезот на Бугарија во ЕУ беше катализатор за економскиот развој на земјата. БДП надмина 100 милијарди евра и таа значително ги надмина соседите од Западен Балкан кои допрва треба да го изодат тешкиот пат до ЕУ.
Според повеќето аналитичари, Бугарија никогаш не живеела подобро отколку во последниве години, а тоа може да се забележи на секој чекор. Зголемената благосостојба на Бугарите е резултат на членството во ЕУ.

