Конвертитите во предворјето на Европа
Владимир Перев
Завршија локалните избори во Македонија и сега сите јасно ја согледуваме политичката ситуација во која се наоѓа државата. Нема ништо ново и неочекувано, но катастрофалниот пораз на СДСМ, на сите фронтови, отвора мрачни теми за размислување.
1. Генеза
Времето од распадот на СФРЈ и СКЈ е поучен пример за денешните состојби. Имено, во периодот од 1988-89 година, во времето на тешките битки во партијата СКМ и за превласт на определени структури, победи демократската опција за Македонија, предводена од Васил Тупурковски, Петар Гошев и Глигорије Гоговски. Успешно и евидентно се спротиставија на националистичката реторика на Слободан Милошевиќ и никогаш згаснатиот српски национализам. Структурата Михаил Данев и Милан Панчевски доживееја пораз, кој подоцна беше “верифициран“ со распадот на Сојузот на комунистите на СФРЈ на 14-от Конгрес на СКЈ. Тоа беше и крајот на Југославија. Со почетоците на распадот на СФРЈ, се отворија и демократските процеси за повеќепартиски систем, па така се (воз)роди ВМРО, со додавката ДПМНЕ. Истовремено, Петар Гошев ја преструктуира старата болшевичка СКМ и и даде нов бренд, СКМ-ПДП, односно комунисти, ама Партија за Демократска Преобразба. Таа партија и лидерот Гошев, за прв пат во современата македонска историја беа критички настроени, со критичен став кон српскиот екстремен национализам кој беше на повидок и кон српската посесивност кон територии и идеолошки налози на послабите, конкретно на нас во Македонија.
2. (Воз)раѓањето на ВМРО
Болно, тешко и напорно беше создавањето на ВМРО ДПМНЕ, нешто кое најдобро го знае лидерот Љубчо Георгиевски. Ако за еден дел на населението таа партија беше сентимент кон минатото револуционерно делување на целиот македонски народ, старите структури, останати низ органите на семоќната УДБ-а и закоравеноте комунистички структури, дејствуваа со подземна војна, со инсинуации и недоречености кои ја девалвираа партиската и националната идеја на ВМРО. Симпатизерите на партијата најчесто, дури и во пријателските кругови ја носеа стигмата на “бугараши“ и “предавници“, како далечно ехо на годините по Втората светска војна. Притоа, ВМРО ДПМНЕ не беше идеолошки конзистентна партија, туку мозаик од идеолошки концепции на поединци или групации. Да, во партијата имаше луѓе со бугарски идентитет и самочувствие, но тоа беа луѓе во раководните органи. Партиските комитети во внатрешноста, во најголем број беа македонизирани патриоти, југословенизирани и антиалбански ориентирани, со идеологијата и реториката на Слободан Милошевиќ. Таа и таквата идеологија ја донесе ВМРО ДПМНЕ до победничкиот трон на изборите 1998 година. Ортодоксните комунисти, оние од третиот ешалон кои власта на Гошев и Црвенковски не ги прифати, поточно брутално ги отфрли, по победата на ВМРО во 1998 година се приклучија на Љубчо Георгиевски и ја започнаа својата нова партиска кариера со старата србоманско болшевичка свест, облечени во новото вмровско руво. Потоа, а веројатно и заради тоа, дојде крајот на владеењето на Георгиевски и доаѓањето на новиот лидер Груевски.
3. Новиот соцреализам
Дојден како млад и надежен технократ, Груевски веднаш ја сфати суштината на владеењето на овие простори и реши да ја форматира новата идеологија и интереси на партијата. Неговата програма која беше слаба и нејасно формулирана, неколкумина “пребегнати“ или изгонети комунисти од СКМ ПДП/СДСМ ја преработија, ја рецензираа на политички и национално прифатлив начин за широките маси. Така почна подемот на Груевски. Ако тогаш сѐ почна со навидум невината антиквизација која продолжи со Скопје 2014 година, сето тоа заврши со антигрчка реторика и стерилната борба за името. За многумина во Македонија, антиквизацијата значеше само некаква нова “елинизација“ на македонското ткиво, овој пат со многу пософистицирани методи. Последица од владеењето на Груевски беше новиот, суров и безобразен изблик на антибугаризам, воскреснување на мрачните сили од минатиот српски/југословенски режим од времето на Александар Ранковиќ. Имаше дури и апсења и насилие, но тоа се теми за разговор на друго место. Софија гледаше и знаеше што се случува, но реакцијата беше слаба, млитава и несоодветна…беше навистина “братска реакција“. Подоцна, кога македонската (квази)наука посегна по историските вредности на бугарскиот народ, кон дејците од Преродбата и ВМОРО/ВМРО, почнаа сериозните размисли по темата Македонија и правата на македонските бугари.
4. Автократија
Христијан Мицкоски дојде на готово. Во неговото доаѓање немаше ништо од романтиката и напорите на кругот околу Љубчо Георгиевски и првите чекори за востановување на идејата за ВМРО. Наследи партија со силна и одлично организирана структура, полна со идеолошки и национално обезличени кадри, остатоци од разни партии и движења, но организирани од цврстата рака на Груевски. Математичкиот и прецизен ум на Мицкоски веднаш ја сфати и прифати наследената сосотојба, свесен дека само апсолутистичкото и недемократското владеење, може да му обезбедува подем, аворитет и победи. Ги разви наследените врски со српскиопт претседател Вучиќ и унгарскиот Орбан, ја зајакна антибугарската реторика и влезе во финансово договорни односи со ренегатите од Европската унија, приближувајќи се кон Путин. Неговиот антибугаризам се разви до невидени граници, стана неговото alter ego, промислено саботирајќи ја европската политика на целиот Балкан. Денес ДПМНЕ промовира идеолошка дегенерација, нешто како релевантен наследник на СКЈ-Движење за Југославија, кокетирајќи со русофилството и југословенизацијата. За смирување на широките маси, барем оние кои не се согласни со таа политика, верно му служи МПЦ-ОА, комплетно под српско и руско влијание, црква која наместо афтокефализација, молчешкум се согласи со некаква автономија под диктат на СПЦ и обврзаност кон Руската ПЦ
4. Левите крајности
Во сето тоа, ДПМНЕ не се сами. Нив им “терцира“ Левица, продавајќи му на народот една одамна замината идеологија. Ако ДПМНЕ кокетира со “нашето херојско“ минато, со русофилството и југословенизацијата, Левица е целосно, комплетно во тој свет. Тоа е свет на илузии и соништа, свет во каков никогаш не живеел или не бил ниту роден некој од нив, но свет ефтин , а кој добро се продава. Жед за авторитаризам… Овој народ ја презира либералната демократија. Паднаа тројца премиери од таа насока, Георгиевски, Бучковски и Заев…овој народ сака авторитарно владеење.
5. Падот на поразените
СДСМ го доживува својот историски дебакл. Без визии за иднината, без програма за нивно идно владеење, станаа партија во распад, со членство кое панично го напушта “бродот што тоне“. Најинтересното е што не само ДПМНЕ ами и некои други сакаат СДСМ да се распадне. Тоа го сакаат и некои од нивните бивши раководители и лидери, бесрамно саботирајќи ги предизборните напори на раководството на партијата. СДСМ го нема своето традиционално, комунистичко и југословенско гласачко тело. Тие преминаа во ДПМНЕ и Левица. Исто така од 2021 година, по заминувањето на Зоран Заев, во СДСМ нема страст за вледеење…тие ја имаа власта како товар и сакаа само да уживаат во плодовите на владеењето. Случајот Струмица, каде добитната комбинација со Костадинов беше заменета со друг кандидат, ја посочува стерилноста на нивната идеја и политика. Смешно е како Филипче го копира ДПМНЕ по однос на внесувањето на бугарите во Уставот со “одложено дејство“. Тоа е класична безидејност и копирање, тоа е јалова работа. Тој простор на диктат и манипулирање со фактите, како и правата на “македонците“ во Бугарија е зафатен од ДПМНЕ и Филипче со неговите изјави, делува излитено и препишувачки.
6. Идеолошки меѓупростор
Текот на настаните кои ќе следат е јасен и видлив. Меко речено, патот на Македонија кон ЕУ врви преку Софија…грубо речено, судбината на Македонија и нејзиниот пат кон Европа, се во рацете на Софија. Македонското раководство, како олеснувачка околност пред историјата, може да каже дека никогаш и не сакале да одат во ЕУ, па затоа и дејствувале саботирачки, како за правата на македонските бугари, така и за неопходните реформи. Тоа нема да мине. Дури и малите деца знаат дека Македонија нема право на избор, нема право ниту да избира по некоја модифицирана вмровска изјава од типот “ЕУ или смрт“…нема право на “смрт“. Должна е на живот и тоа само во ЕУ и само преку договор со Софија. Нереформираната УДБ-а беше единствената заштита на претходните функционери и тие чисто, јасно и преднамерено ја внесоа во ДПМНЕ. Денес и таа УДБ-а е преморена, надмината и вонвременска на новите европски потреби. Таа е тука и го има влијанието врз нас, обичните луѓе, но во поглед на европските аспирации на Македонија, деншната АНБ е смешна креатура на едно минато време. Тој пат ја чека и Србија. Ако Вучиќ падне или реши да се “реформира и европеизира“, Македонија и Мицкоски ќе останат последната мета на “вежбите на строгост“ на ЕУ…непријатна ситуација.
7. СДСМ и “новата свест“
Треба да се случи некоја катаклизма или инвазија на руските војски на Бугарија, за некој во Софија да го смени ставот и да се врати на старите коминтерновски позиции за македонската нација и држава. Илузорно е некој овде воопшто да може да помисли дека бугарски функционер може да биде испратен “да пие кафе“, или да потпише нешто по теркот и желбите на сегашната македонска политичка елита. Тоа нема да стане.
ДПМНЕ е во зенитот на својата слава а Мицкоски во апогејот на својата моќ. Доаѓа време на рецесија, време кога потиснатата и омаломоштена СДСМ ќе треба да покаже иницијатива. Црвенковски веќе одамна е во заборав, освен во илузиите на загубените…Филипче треба да се докаже, да ја докаже својата европска ориентација…
СДСМ треба да ги осуди злосторствата на партијата чиј е неследник и да се дистанцира од политиката на минорните личности на таа партија кои гласаа како воздржан на Совет на Европа за осуда на комунистичкиот режим и неговите злосторства во Европа…да осознае дека Шема е минато. Народот во Македонија долго памти и казнува.
Да ги прибере и да им се наложи на отпадниците…секогаш ќе има конвертити!

