| |

Коридорот 8 станува дел од приоритетната европска транспортна мрежа

Министрите за транспорт на земјите од ЕУ денеска гласаа целиот Коридор број 8 да стане дел од основната, приоритетна европска транспортна инфраструктура. Тоа значи дека проектите за коридорот во Бугарија, Северна Македонија и Албанија ќе имаат полесен пристап до европско финансирање. На средбата учествува и вицепремиерот и министер за транспорт на Бугарија, Христо Алексиев.

„Со задоволство сакам да напоменам дека предлогот на Бугарија за вклучување на Коридор број 8 во основната европска транспортна мрежа кон коридорот на Западен Балкан беше одобрен, вклучен и изгласан пред малку. Ова е сериозен успех за Бугарија, која активно лобираше за вклучување на овој коридор, а јас и мојот тим вложивме огромни напори за тоа да стане реалност. Заедно со чешкото претседателство, со Италија, Албанија и Северна Македонија, успеавме да се избориме овој коридор да стане дел од основната европска мрежа. Се разбира, ова е многу добар развој за овој приоритетен коридор и за Бугарија, бидејќи ќе имаме полесен пристап до финансии, како за Албанија, така и за Северна Македонија. Бугарија работи и прави максимални напори за интегрирање на Западен Балкан и Северна Македонија во ЕУ и мислам дека транспортното поврзување е на прво место во таа насока. Денес е ден на сериозен успех за Бугарија. Иако мала, иако најсиромашна земја во ЕУ, Бугарија успеа да се избори за оваа кауза. Првично, ЕК не ја поздрави оваа идеја, но по активно лобирање од сите земји, претежно од Бугарија, успеавме и коридорот е вклучен во новата регулатива“, изјави Христо Алексиев – в.д. министер за транспорт на Бугарија.

Во врска со ембаргото за увоз на руска нафта што денес стапи во сила и дерогирањето на Бугарија, министерот Алексиев потврди дека Бугарија забранува извоз на нафтени деривати од сурова нафта со руско потекло, со исклучок на некои деривати и нуспроизводи кои се добиени за време на производствениот циклус на рафинеријата во Бургас. Според министерот, тие не можат да се пласираат на домашниот бугарски пазар.

„И ова го дадовме како подарок за да не му дадеме причини на Лукоил да ја затвори рафинеријата, решивме да ги извезуваме само тие производи. Мислам дека ова е разумна одлука. Тоа и е познато на ЕК, испратено им е. Сето тоа е направено во блиска комуникација со ЕК“, рече Алексиев.


Вршителот на должноста вицепремиер и министер за транспорт на Бугарија рече и дека Бугарија и предложила на ЕУ проекти за дополнителен развој на пристаништата во Русе и Варна со цел да се зголемат можностите за логистичка помош на Украина. „Развиваме опција да го користиме и фериботниот комплекс во Варна“, рече Алексиев. Според него, Бугарија активно и помага на Украина да извезува жито.

„Бугарската речна шпедиција“ од април досега помогнала во транспортот на околу 200 илјади тони жито. Алексиев додаде дека Бугарија обезбедува и дизел за потребите на земјоделците во јужна Украина.

Слични Објави