| |

Koс: ЕУ нема да прима „тројански коњи“ во процесот на проширување

Европскиот комесар за проширување Марта Кос изјави дека Европската Унија нема да дозволи приклучување на држави кои би можеле да ги поткопуваат вредностите или институциите на Унијата, пренесува БГНЕС.

„Нема тројански коњи. Држави што би нѐ поткопувале одвнатре не можат да станат членки на ЕУ. Земјите што се приклучуваат мора да бидат силни и отпорни демократии способни да се спротивстават на токсичното влијание на Русија и други“, изјави Кос во Европскиот парламент.

Таа нагласи дека во процесот на европска интеграција нема да има „кратки патишта“ и дека напредокот мора да се заслужи преку реформи. Кос предупреди дека статусот на водечка земја во преговорите не носи посебни привилегии, посочувајќи ги Црна Гора, Албанија, Украина и Молдавија како најнапредни кандидати.

Стратегијата за проширување, разгледувана во Европскиот парламент, повикува на надминување на билатералните блокади во Советот на ЕУ и на пристап заснован на реалните заслуги на земјите кандидатки.

Авторот на документот, европратеникот Петрас Ауштрјавичиус, истакна дека нема кратки патишта кон владеењето на правото и условеноста. Според него, слободата на медиумите, човековите права, заштитата на малцинствата, родовата еднаквост и недискриминацијата се задолжителни услови.

Во документот се нагласува дека проширувањето има клучно стратегиско значење за ЕУ во услови на руската агресија врз Украина и други геополитички предизвици. Се оценува дека процесот на пристапување е важен инструмент за зајакнување на демократијата, владеењето на правото и регионалната стабилност, како и за заштита на земјите кандидатки од надворешно влијание.

Европратениците треба да гласаат за документот на 11 март.

Слични Објави