Бугарија обезбедила хуманитарна и енергетска техничка помош за Украина во периодот 2022–2026
Бугарија обезбедила главно хуманитарна и техничка енергетска помош за Украина во периодот 2022–2026 година, соопшти бугарското Министерство за енергетика. Помошта била реализирана по официјални барања од украинската страна преку Амбасадата на Украина во Софија, пренесува БГНЕС.
Во декември 2022 година Министерството донирало 18 електрични генератори како хуманитарна помош за културно-просветното друштво „Св. Св. Кирил и Методиј“ во Болград. По посебно барање на бугарска организација во Кировоградската област, „Електроенергетскиот системски оператор“ (ЕСО) донирал два монофазни генератори од 3 kW, еден трифазен генератор од 6 kW и една потопна пумпа.
На крајот на 2023 година ЕСО обезбедил уште шест генератори за Националната полиција на Украина.
Во 2024 година Украина упатила нови барања за енергетска опрема и учество во обновата на инфраструктурата, но бугарските енергетски компании соопштиле дека немаат слободна опрема поради потребите на домашниот систем.
Кон крајот на 2025 година, по ново барање од Киев, ЕСО изразил подготвеност да донира мерни трансформатори за 110 kV.
Од Министерството за енергетика појаснуваат дека Бугарија не користи опрема за напон од 330 kV и 750 kV, каква што се применува во украинската електроенергетска мрежа, поради што постојат технички ограничувања за дел од бараната опрема. Сите барања од Украина биле проследени до енергетските компании, а украинската страна била информирана по дипломатски пат.
