Костовски: Нов модерен затворен базен во Бутел
Општина Бутел наскоро ќе добие нов модерен затворен базен во населбата Бутел 1, како дел од континуираните инвестиции во спортската инфраструктура и создавање здрави навики кај младите.
Градоначалникот на општина Бутел, од редовите на ВМРО-ДПМНЕ Дарко Костовски, најави дека покрај затворениот базен што веќе се гради во дворот на ООУ „Ацо Шопов“, ќе започне изградба на уште еден современ спортски објект – затворен базен во дворот на ООУ „Св. Климент Охридски“.
„Овој објект ќе биде симбол на она што претставува здрав живот за нашите деца. Од првиот ден кога станав градоначалник, ветив дека грижата за младите ќе биде мој приоритет. Со ефикасна работа и јасна визија покажавме дека можеме да го забрзаме развојот на спортската инфраструктура во нашата општина“, изјави градоначалникот.
Тој додаде дека пливањето како спорт има огромно значење за здравјето и развојот на младите генерации, а со новите базени се создаваат услови не само за спортски тренинг, туку и за рекреација на сите жители на општината.
„Со силна динамика и посветеност ќе продолжиме да ги создадеме условите за подобар живот и развој на граѓаните на Бутел“, порача градоначалникот, додавајќи дека овој проект е дел од визијата за модерна, спортска и здрава општина.
Во пораката до граѓаните тој апелираше:
„Заокружи број 9 – за реални проекти, здрав живот и посветена работа за Бутел!“
