|

Ковачевски го одби Мицкоски за лидерска: Дебата за уставни измени не се води ниту кога се пушта канализација

Премиерот Димитар Ковачевски го одби предлогот на лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, кој понуди да се сретнат на лидерска средба или ТВ-дуел. Според Ковачевски, лидерска средба не треба да има оти ставовите се познати. За ТВ-дебата – изречно одби. Додаде дека дебата за уставни измени не се води во медиуми.

„Ние лидерска средба имавме во декември на моја иницијатива. Беа повикани сите претседатели на парламентарните политички партии, зборувавме за најважните стратешки прашања во државата. Второто главно прашање беше усогласувањето на уставните измени. На таа лидерска средба сите лидери на политички партии се сложија за носењето на уставните измени, освен еден, кој молчеше, и двајца, кои не дојдоа. Затоа сметам дека нема потреба од лидерска средба, ставовите се познати“, рече Ковачевски.

Тој додаде дека тоа не е институционален формат за носење решенија, туку формат каде што се слушаат политички ставови.

„Во однос на тоа да се води дебата за уставните измени – таа дебата е структурирана, повторувам уште еднаш. За уставни измени, дебата не се води на телевизија, не се води кога се пуштаат канализациски цевки во одредени општини, туку експертска работна група работи на тоа. Врз основа на уставно право и она што е пропишано – се дефинираат амандмани за јавна расправа. Потоа процесот се сели на јавна расправа во општеството и влегува во собраниска процедура, каде што јас верувам дека имаме демократски, визионерски и стратешки капацитет како држава да ги спроведеме одлуките и да ги отвориме кластерите“, додаде Ковачевски.

Слични Објави