Ковачевски и владина делегација на првата меѓувладина конференција за отпочнување преговори со ЕУ
Премиерот Димитар Ковачевски ќе ја предводи официјалната владина делегација во Брисел, која во Советот на Европска Унија ќе учествува на првата меѓувладина конференција закажана за денеска. Оваа меѓувладина конференција е од историско значење за Република Северна Македонија бидејќи со неа се означува отпочнувањето на преговорите за полноправно членство на земјата во ЕУ, е потенцирано во владиното соопштение.
Според агендата, за денеска е предвидено премиерот Ковачевски заедно со премиерот на Албанија Еди Рама да имаат средба со претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен.
Во рамките на историската посета на Брисел најавено е и започнувањето на скринингот за Република Северна Македонија и работен ручек на премиерот Димитар Ковачевски со еврокомесарот за проширување и добрососедски политики Оливер Вархеји, на кој ќе присуствуваат и двете делегации.
Како дел од официјалната владина делегација во Брисел патуваат првиот вицепремиер Артан Груби, заменикот на претседателот на Владата за европски прашања Бојан Маричиќ, како и министрите за надворешни работи Бујар Османи, за внатрешни работи Оливер Спасовски, за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска и за информатичко општество и администрација, Адмирим Алити и други високи претставници на Владата.
Извор: Temite