ШЕКЕРИНСКА: МАКЕДОНИЈА НЕ СМЕЕ ДА СИ ДОЗВОЛИ ДА ЈА ИСПУШТИ ОВАА ИСТОРИСКА ШАНСА ЗА НАТО И ЕУ
По средбата со генералниот секретар на НАТО во новото седиште на Алијансата во Брисел, Владимир Мирчески направи интервју со вицепремиерката и министерка за одбрана Радмила Шекеринска. Освен заокружување на ратификацијата на договорот за името – има ли други потенцијални пречки во пристапниот процес за НАТО, како таа ги чита заклучоците од ЕУ, дали ќе се менува законот за референдум, што ако опозицијата го бојкотира плебисцитот…, се дел од прашањата во разговорот со Шекеринска.
– Големата порака којашто ја упати генералниот секретар на НАТО, Столтенберг е дека во јули на овој самит во Брисел можеме да очекуваме да се исправи неправдата од 2008 година. Тоа што не успеавме да го добиеме во 2008 во Букурешт – поканата за НАТО, ќе ја добиеме во јули во Брисел. Се разбира дека процесот за зачленување во НАТО, како и кај другите држави, трае одреден временски период. Она што го најави генералниот секретар е дека очекува многу брзи преговори кои ќе траат неколку месеци. Тоа значи дека на самиот крај на оваа година или на почетокот на 2019 Македонија ќе почне да учествува на сите средби на НАТО речиси како полноправна членка. А дека членството ќе дојде кога целата ратификација на договорите ќе заврши во 29-те земји членки. Меѓутоа важната порака е дека оваа година во јули Македонија ќе ја добие поканата, очекуваме и ќе работиме следната година да го заокружиме целиот процес и да станеме полноправна членка – рече Шекеринска.
Во однос на ЕУ, Шекеринска рече дека во моментот унијата се соочува со големи дилеми и различни позиции за проширувањето, за финансиските унии, битката против мигрантите и малите држави како Македонија се ставаат меѓу чеканот и наковалната.
– Носењето одлуки во светот не е секогаш фер. Затоа малите држави не смеат да ги испуштат историските шанси тогаш кога ќе им бидат ставени пред нив. Тоа се однесуваше во 2008 за НАТО – ја испуштивме таа шанса, тоа се однесуваше 2009 на ЕУ – ја испуштивме и таа шанса, 2018 ни даде можност повторно да ги отвориме вратите на ЕУ и НАТО за Македонија и нејзините граѓани. Оваа историска шанса нема да ја пропуштиме – рече Шекеринска.
Шекеринска ги коментираше и ставовите за потреба од измени на Законот за референдум.
– Поделени се мислењата за Законот за референдум, дека е застарен и не е доволно прецизиран и отвора можност за различни толкувања па и злоупотреби. Од друга страна не сакаме да влетаме во измени на закон, кои дури и да се технички, некој може да ги злоупотреби за да каже дека ги менуваме правилата на игра пред референдумот. Ќе одиме на измени на Законот за референдум исклучиво ако се откријат теми или прашања коишто мора да се прецизираат. Законот за референдум дава одредена можност бидејќи вели дека за сите прашања кои не се регулирани во Законот за референдум треба да се искористат решенијата од Изборниот законик, така што еден тим и во Министерството за правда и во Владата работи на разгледување на овие предизвици. Многу е важно Собранието час поскоро да ја избере ДИК и да имаме официјална институција која ќе го земе на себе гајлето да организира референдум – рече Шекеринска.
Таа упати и апел во однос на гласањето.
– Апелираме и до опозицијата и до граѓаните на Република Македонија, дека нашата држава не смее да си дозволи да ја испушти оваа историска шанса. Видовме колкава цена плаќаме како држава поради пропуштената шанса во 2008 година. Видовме колку тоа не чинеше и во поглед на политичка криза, и во поглед на секакви внатрешни демократски, медиумски, правосудни проблеми. 2018 означува една декада по ветото од 2008 година во Букурешт. За 10 години Македонија го изгуби чекорот со речиси сите земји во регионот, и во поглед на НАТО и во поглед на ЕУ. Историска е одговорноста да не дозволиме тоа повторно да се случи – рече Шекеринска.
Извор: 360 Степени