Ковачевски од Гевгелија: Владата ќе ги заштити граѓаните исто како и лани за време на најголемата енергетска и економска криза
„Владата има постигнато значаен напредок во зголемување на квалитетот на животот на граѓаните, а преку стратегија за социјално домување не дозволуваме ранливите категории граѓани да останат на маргините на општеството“, истакна премиерот Димитар Ковачевски на доделувањето на социјални станови за 28 семејства од Гевгелија. Тој рече дека во изминативе години изградени се или во фаза на градење се над 860 социјални станови во Струмица, Гостивар, Македонски Брод, Пробиштип, Виница, Свети Николе, а освен во Гевгелија, 6 станови ќе бидат доделени на ранливи семејства во Демир Капија. Социјални станови ќе добијат и граѓани од Велес, Неготино, Бутел, Дебар и Кочани.
„Политиките кои ги креираме како Влада не дозволуваат да постои огромен јаз меѓу можностите и потребите на голем број домаќинства во нашата држава. Сакаме ранливите категории на граѓани да ги решаваат своите проблеми без поддршка на државата меѓутоа со оглед на тоа дека не секој има можности да го реши своето станбено прашање како поголемиот број други граѓани, државата е тука да помогне и да обезбеди домување на сите оние на кои тоа им е потребно“, рече Ковачевски.
Истакна дека и оваа година Владата ќе ги заштити граѓаните исто како и лани за време на најголемата енергетска и економска криза. Годинава Буџетот на Министерството за труд и социјална политика, за социјални услуги е 5,5 милиони евра поголем од лани. Социјалната помош во изминатите неколку години, е зголемена за над 300 проценти.
На настанот на доделување социјални станови во Гевгелија беа и министерот за транспорт и врски Благоја Бочварски и директорот на АД за стопанисување на станбен и деловен простор од значење за Републиката, Зоран Ѓоргијев.
Министерот за транспорт и врски Благоја Бочварски, истакна дека на крајот од неделата ќе се отвори оглас за доделување на социјални станови за Неготино.
Директорот на АД за изградба и стопанисување со станбени и деловни објекти од значење за Републиката, Зоран Ѓоргијев рече дека социјалните станови се реализирани во предвидениот рок, а станбените објекти и во Гевгелија и Демир Капија имаат одреден број станови и за инвалидизирани лица.