|

Ковачевски: Реално е да влеземе во ЕУ во 2030 година

Претседателот на Владата Димитар Ковачевски во интервју за Гласот на Америка, истакна дека скрининг процесот за пристапување на Северна Македонија во Европската Унија, очекувано е да заврши за 14 месеци, а согласно темпото со кое се работи, реално е членството во Унијата да биде 2030 година. Премиерот истакна дека пристапот на Владата кон отпочнување на преговорите е многу сериозен, формирана е преговарачката структура, во преговорите е вклучена академската заедница, невладиниот сектор, деловната заедница. Клучен е и фактот што Северна Македонија која 17 години имаше статус кандидат, во последните 5 години Владата предводена од СДСМ и коалиционите партнери работеа на усогласување на законодавството со ЕУ.

„Ние во моментов имаме 45% усогласено наше законодавство со европското и со отпочнувањето на преговорите многу сериозно пристапивме кон оваа тема, веќе имаме направено преговарачка структура која беше официјализирана од страна на Владата. Имаме назначено главен преговарач тоа е вицепремиерот за европски интеграции. Главен советник на преговарачкиот тим којшто е поранешен главен преговарач и постојан претставник на Република Хрватска што значи дека донесовме едно значајно искуство.

Вклучени се во преговорите и академската заедница, невладиниот сектор, деловната заедница итн. Сметам дека реално е за 14 месеци да заврши скрининг процесот и потоа да отпочне како што е и процедурата за поглавјата и до 2030 година согласно со темпото со коешто почна да се работи сметам дека е реално Северна Македонија да стане членка на ЕУ”, вели претседателот на Владата, во интервјуто.

Премиерот потенцира дека Северна Македонија беше држава која најбрзо се интегрира и во НАТО, тој додаде дека во земјава ќе бидат активирани сите прогресивни сили кои се за членство во ЕУ.

„Ние исто така бевме оптимисти при комплетното усогласување после влегувањето во НАТО и бевме држава која најбрзо ја направи интеграцијата во НАТО структурите од сите претходно кои влегувале во НАТО. Затоа сум реален оптимист дека до 2030 година можеме да станеме членка на ЕУ вклучително на тоа што планираме да ги активираме сите прогресивни сили во државата кои се за членство во ЕУ”, рече претседателот на Владата за Гласот на Америка.



Слични Објави