УЈП: ВМРО-ДПМНЕ ДОЛЖИ ПОВЕЌЕ ОД 22 МИЛИОНИ ДЕНАРИ НА „ПОЛИЕСТЕРДЕЈ“
ВМРО-ДПМНЕ должи повеќе 22 милиони денари на компанијата Полиестердеј за рекламен материјал за кампањата за избор на претседател, покажала контролата на Управата за јавни приходи спроведена на фирмата во септември и октомври годинава.
Контролата е спроведена откако Управата во проверка на Полиестердеј за 2017 и 2018 година за данок на добивка констратирала одредени пропусти, со што се преминало кон проверка на 2019 година.
Од УЈП велат дека ВМРО-ДПМНЕ за претседателските избори во 2019 година склучила договор со Полиестердеј за 1,3 милиони парчиња рекламен изборен материјал (маици, капчиња, запалки, пенкала…) во вредност од 34.362.612 денари. Од седумте фактури што ги испратила фирмата, ВМРО-ДПМНЕ платила само 11.509.796 денари и останале должни 22.852.816 денари.
Од УЈП појаснуваат дека овие средства Полиестердеј согласно потпишаниот договор може да ги наплати спогодебено или во постапка преку надлежен суд бидејќи сметката за плаќање за време на изборите според Изборниот законик се затвора во рок од 90 дена по завршување на изборите. Според законот, партијата отвора наменска сметка за изборите.
Согалсно договорот, средствата требало да бидат исплатени во рок од 60 дена по испорака на материјалот, што значи дека исплатата требало да заврши до јули годинава.

