Ковачевски: Собранието ќе ја донесе одлуката дали ќе ги почнеме преговорите со ЕУ
Собранието ќе донесе одлука дали ќе ги отпочнеме преговорите со ЕУ и ќе донесе заклучоци откако Владата до пратениците ќе го достави европскиот предлог, билатералниот протокол и уште еден документ, изјави денеска претседателот на Владата Димитар Ковачевски на заедничката прес-конференција со претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел.
Ковачевски информираше дека откако ќе заврши консултативниот процес за европскиот предлог, билатералниот договор и уште еден документ ќе бидат испратени во Собранието и дека координаторите на пратеничките групи и претставници на други партии ќе разговараат за овие предлози. Тие, како што рече тој, треба да донесат одлука и заклучоци и ќе и дадат задолженија на Владата тоа да го споведат.
-Во Собранието се застапени претставници на сите парламентарни политички партии и тие таму ќе имаат состаноци на коишто ќе учествуваат нормално претставници од нивните редови и коишто треба да расправаат по однос на заклучоците во врска со европскиот предлог којшто го имаме добиено од ЕУ. Сметам дека и претседателот Мишел беше многу јасен во својата експликација дека ние имаме предлог којшто ни овозможува веднаш започнување на преговорите со ЕУ. На Собранието е да одлучи дали ќе донесеме одлука да ги почнеме преговорите и со какви заклучоци и за тоа треба да разговараат претставниците на политичките партии, тоа се искусни членови на Парламентот и како такво да го дадат на Владата да го спроведе и да го операционализира во врска со одлуката која што Собранието ќе ја донесе, рече Ковачевски.
Ковачевски денеска соопшти уште дека добил информации од МВР од каде му кажале дека се подготвува нешто што не доликува на земја членка на НАТО за време на протестите кои се планирани од 19 часот вечерва, што започнуваат од пред Владата.
„Ние сме демократско општество, каде секогаш и во секоја прилика, секој граѓанин може да го изрази својот став. Тоа треба да биде во рамки на законите. Се надевам дека ќе биде во рамки на законите. Вчера имавме четири повредени полицајци. Денес се планира нешто што не доликува на држава членка на НАТО“ кажа Ковачевски.


