Ковачки: Бесијан Ахмети, вториот внук на Али, бил вработен во Министерство за економија за мониторинг над концесиите на минерали
Драган Ковачки, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ, вели дека Беси,ан Ахмети, вториот внук на Али Ахмети, кој сега е именуван за прв секретар на Амбасадата во Брисел, од 2007 до 2017 е сопственик на „Еверест ЏД“, заедно со брат му Дрин.
„’Еверест ЏД’ има концесија за експлоатација на варовник доделен од Владата на СДС и ДУИ во 2006 година. Бесијан Ахмети излегува од сопственичката структура на ‘Еверест ЏД’, која има концесија над рудник за варовник и се вработува на работно место помлад соработник за мониторинг и следење на договорите за концесија за минерали во Министерството за економија. Бесијан Ахмети, сега од позиција на службеник, во извесен период бил поставен за мониторинг врз договорите за концесии на минерали, бизнис со кој се занимава неговата фирма, која останала во единствено сопствеништво на брат му Дрин Ахмети. Бесијан Ахмети како службеник задолжен за мониторинг над концесиите за минерали можел да влијае врз конкуренцијата на брат му Дрин Ахмети за ‘Еверест ЏД’, во која и самиот бил содружник“, вели Ковачки.
Според него, Али Ахмети го гради кланот Ахмети, а додека тој е пратеник и лидер на ДУИ, членови на неговото најблиско семејство влегуваат во мултимилионски бизниси и одлучуваат во институциите за судбината на други бизниси, кои може да им бидат конкуренција.
„Одговорност ќе има. Иако сега таткото на Бесијан и Дрин Ахмети му стои на главата на Ислам Абази, набргу ќе дојде време кога секој од нив ќе треба да одговори што правел“, додава Ковачки.

