|

КОВИД-19: ШВЕДСКА E ДАЛЕКУ ОД КОЛЕКТИВЕН ИМУНИТЕТ

Истражување во Шведска покажа дека до крајот на април, само 7,3 проценти од жителите на Стокхолм развиле антитела на коронавирусот, што може да ги зголеми стравувањата, дека Шведска, која не воведе карантин, нема да постигне колективен имунитет толку брзо, пренесува Плусинфо.

Оваа стратегија ја заговараше главниот шведски епидемиолог Андерс Тегнел, кој препорача да се користат доброволни мерки против ширење на вирусот, за разлика од другите земји кои воведоа задолжителни мерки и карантин.

Во Шведска, повеќето училишта, ресторани, кафулиња и деловни објекти останаа отворени, дури и додека поголемиот дел од Европа беше затворена. Бројот на смртни случаи од Ковид-19 е многу поголем отколку во другите нордиски земји, иако е помал отколку во земји како Велика Британија, Италија и Франција.

Бројот на пациенти на интензивна нега во Шведска се намали за една третина, откако го достигна својот врв на крајот на април, а здравствените власти тврдат дека епидемијата забавува. Сепак, во последните седум дена Шведска забележа најголем број смртни случаи по глава на жител во Европа.

Со истражувањето за антитела, тие сакаа да утврдат дали постои потенцијал за колективен имунитет, односно дали доволен број од популацијата развиле имунитет, што би спречило да се шири инфекцијата.

Шведската здравствена агенција вчера соопшти дека резултатите од тоа истражување се совпаѓаат со нивните модели дека е заразен речиси третина од Стокхолм, објаснувајќи дека студијата е спроведена пред многу време, така што болеста во меѓувреме се проширила.

– Тоа е нешто помалку отколку што очекувавме, но не многу, можеби за еден до два процентни поени, рече Тегнел.

Концептот на колективен имунитет сè уште не е тестиран во однос на коронавирусот и не се знае колку трае имунитетот од инфекција кај оздравените пациенти.

Истражувањето е направено врз основа на 1,1 илјади тестови од цела Шведска, а објавени се само бројките за главниот град.

Слични Објави