| |

Мицкоски: Економски гледано сме на дното во Европа

Во гостувањето во емисијата „Дневен ред“ дел од утринската програма на Сител телевизија, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски кажа дека додека лани Македонија беше во криза, со техничка Влада, тогашната опозиција на разни начини успеала да ја оштети Македонија со разни памфлети за 10-тици милиони евра, кои државата ќе треба да ја плати на основ на камата за обврзница.

-Од почетокот на годината они имаат само нето 312 милиони евра зголемен државен долг, а без притоа да имаат реализирано ниту една капитална инвестиција. Во моментов имаме застој на сите капитални инвестиции, автопатиштата стојат, другите капитални инвестиции стојат, реализацијата на буџетот по основ на капитални инвестиции е на ниво три пати помало од она што било во истиот период минатата година, кога имавме техничка Влада, изјави Мицкоски.

Мицкоски кажа дека и покрај тоа што имаме нула проценти раст на БДП минатата година, власта го зголемила нето задолжувањето, што според него ја става Македонија убедливо на дното закована.

-Не знаат каде тераат, бидејќи ако ги видите и плановите за во иднина ќе видите дека тоа што го предлагаат, не само што е небулозно туку и не може да се реализира. И нешто од тоа да се реализира нема да имплицира позитивни ефекти. Така што во моментов можам да заклучам дека економијата ни е на колена, кога светот доживува ренесанса, кога следиме раст на економии 3,4,5 проценти, каде гледаме дека побарувачката во светот е зголемена, ние само сме тие што се движиме на нула, изјави Мицкоски.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ напомена дека власта да ги остави бизнисмените да работат сами, да не носи никакви закони државата ќе има раст 2,5- 3 проценти. Тој кажа дека тие предупредувале дека нема да има раст.

Мицкоски се осврна и на бројчаникот кој Заев најави дека ќе го постави за враќањето на парите.

-Мислам дека е добро тој бројчаник да го постави пред владата на Република Македонија и тој бројчаник да покажува на паралелна основа колку ја задолжува Република Македонија, а притоа колку одзема вредност, а не додава. Бидејќи вие имате задолжување кое што не додава вредност, туку имате задолжување кое одзема вредност во Република Македонија, бидејќи немате повторно реализација, изјави Мицкоски.

Имаа ветувања дека ќе ги зголемат пензиите, разни привилегии за пензионерите, но за жал една година подоцна може да кажеме не само што ветувањата не се реализираа туку напротив оние стекнати привилегии што пензионерите ги имаа се уназадија, дел од тие привилегии се укинаа, изјави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во неговото гостување во утринската програма на Сител телевизија.

-Станува збор за една тешка ситуација и за тоа сведочат многу мои средби кои што ги имам на дневна основа со пензионерите ширум Република Македонија. Моменталната ситуација е изневерени очекувања и празни ветувања, вели Мицкоски.

Тој додаде дека периодов гледаме сериозна намера за зголемување на старосната граница за одење во пензија која што е уште едно од оние неветувања, односно работи кои не ги ветија, но претставуваат негативен шок за пензионерите.

– Имаме предлог за зголемување на старосната граница за пензионирање, така што негативните шокови кои што им ги приредува оваа влада на пензионерите за жал не им овозможува мирен пензионерски живот, односно во периодот од животот кога навистина треба да се одморат и да се растеретат од проблемите кои што ги имале во нивниот работоспособен век, истакна Мицкоски.

Tој нагласи дека пензионерите треба да го добијат она што го заслужуваат и затоа ВМРО-ДПМНЕ работи на најголемата и најквалитетно опфатната програма на самата партија и ќе излезе со понуда која ќе биде достојна за пензионерите во Република Македонија и ќе ги акцентира нивните потреби.

Во гостувањето на утринската емисија во ТВ Сител претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски рече дека тој е човек без концесија и дека се што има стекнато го стекнал со многу мака, труд и со многу работа.

Тој исто така посочи дека преку личен пример ќе се обиде на сите луѓе кои ќе вршат државна функција да покаже дека се генерација на политичари кои треба да остават историска трага за Република Македонија.

-За жал ние имаме политичка елите која има перцепција дека политиката е доходовна работа. Дозволете ми да ги разубедиме граѓаните на Република македонија дека оваа трета генерација политичари на ВМРО-ДПМНЕ убедливо ќе ги порази остатоците на транзиционите политичари кои што гледате дека практикуваат исти политики бидејќи таа е матрицата на нивните претходници од времето на транзицијата, рече Мицкоски.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во гостувањето на утринската емисија „Ја сакам Македонија“ на ТВ Сител, рече дека како човек е подготвен да се извини на секој на кого минатата влада или тој како човек му нанеле неправда, но потенцира дека претходната влада направи многу дела за државата.

– Во тој период од тие 11 години нормално е да човек што работи прави и грешки, и тука не треба да има дилема. Не можете вие 100% да бидете успешен во тоа што го работите. Се разбира и во моите посети низ општинските комитети, јас тоа го правам и барам прошка за она за кое што ВМРО-ДПМНЕ, јас лично како човек ненамерно сум се огрешил и тоа не треба да нешто кое што е чудно, ниту пак лошо за еден политичар, рече Мицкоски.

Водителот, Александар Блажевски, кажа дека нема видено некој политичар кој во минатото се извинил за грешките што ги правел, на што Мицкоски повторно рече дека, тој апсолутно нема проблем тоа да го прави, со сите луѓе кои аргументирано ќе кажат дека за време на неговото претседателствување со ВМРО-ДПМНЕ  или за време на периодот на водење на владата како ВМРО-ДПМНЕ му нанеле штета, дали свесно или несвесно, нормално дека ќе се извини. Но не треба да се потенцира дека за време на тоа 11 годишно владеење 180.000 луѓе се вработија.

Слични Објави