„Крали Маркова свадба“ – фолклорна опера во четири чина ќе се изведе во Софија
„Крали Маркова свадба“ е опера во четири чина по либрето на поетот Владимир Левчев и музика на лингвистот и рок пејач Ангел Ангелов – Џендема. Љубителите на музиката ќе можат да ја погледнат на 30 јануари од 19 часот во сутеренот на Софиските централни хали, јавува БНР.
„Крали Марко е јунакот, херојот, нашиот балкански херој. Во цела Европа постојат такви епски херои. Епот е најдлабокиот душевен израз на колективната душа. Во Крали Марко има нешто што е наднационално. Тој е морален и социјален заштитник. Ослободува три синџири робови. Прифаќа да биде вазал, но останува христијанин. Тој е ктитор на храмови“, објасни за БНР Ангел Ангелов – Џендема.
Тој го коментираше својот премин од рок музиката кон создавање фолклорна опера.
„Имаше предизвик во тоа да направам еден пресврт. Рокот, колку и да го сакам, се покажа тесен за мојата душа. Ја започнав како рок опера, но постепено нештата одеа кон класично дело со модерни елементи. Оваа опера е анахронизам. Но токму тоа може да се покаже како нејзина предност.“
