Кривична пријава против помошник на министерот во МВР за злоупотреба на службена положба
Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при Министерството за внатрешни работи (МВР) поднесе кривична пријава до надлежното Основно јавно обвинителство Скопје против лицето Љ.Р., поради постоење на основи на сомнение дека сторил кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“ согласно член 353 став 1 од Кривичниот законик.
Според податоците од пријавата, пријавениот во својство на помошник на министерот за внатрешни работи и раководител на Одделот за дисциплински и судски постапки, ја искористил својата службена положба и ги пречекорил границите на службеното овластување. Во текот на 2023 година, за месеците јуни, јули, август, септември, ноември и декември, тој одобрил списоци за евиденција на прекувремени работни часови и листа на вработени за исплата на бонус плата, на кои и самиот бил наведен како корисник.
Иако немало писмени наредби за извршување на работни задачи надвор од редовното работно време, пријавениот одобрил исплата на дополнителни средства за себе – 80.134 денари на име прекувремена работа и 36.614 денари како бонус плата за 2023 година. Со тоа, се стекнал со вкупна противправна имотна корист во износ од 116.748 денари, на штета на буџетот на Министерството за внатрешни работи.
Случајот е проследен до Основното јавно обвинителство Скопје за понатамошна постапка.