ЛЕКАРСКАТА КОМОРА БАРА РЕСТРИКТИВНИ МЕРКИ: СЕ НАОЃАМЕ ВО СЕРИОЗНА СОСТОЈБА

//

Лекарската комора апелира до Комисијата за заразни болести сериозно да го земе предвид воведувањето дополнителни рестриктивни мерки и протоколи. Од таму велат дека капацитетите на болниците се речиси исполнети, а намалениот број здравствени работници влијае на квалитетот на здравствената нега што ја добиваат пациентите.

„Свесни сме за фактот дека овие мерки се крајно непопуларни, но во интерес на одржливост на болничките капацитети и зачувување на јавното здравје како здравствени професионалци сметаме дека нивното воведување е повеќе од потребно“, велат од Лекарската комора.

Од таму упатија апел до сите граѓани да ја препознаат сериозноста на ситуацијата во која се наоѓаме предизвикана од ширењето на коронавирусот и со заеднички придонес и дејствување да им помогнат на лекарите во борбата за заштита на здравјето бидејќи тоа е единствениот начин да се спречи понатамошното ширење на вирусот и да се избегне колапс на здравствениот систем.

„Капацитетите на болниците речиси се исполнети, секојдневно бараме дополнителен кревет за згрижување на тешко болните. Голем проблем за одржливоста на здравствениот систем претставува и намалувањето на бројот на активни здравствени работници бидејќи и меѓу нив расте бројот на заразени и на оние што се во самоизолација, а дополнително е и тоа што се соочуваме и со премореност бидејќи епидемијата трае многу долго. Голем дел од кадарот што работи во ковид-центрите одамна не работи по систем на ротации, а многу здравствени работници немаат користено годишен одмор. Во услови на намален број здравствени работници и непостоење начин за кратко време тој да се зголеми станува јасно дека помал број лекари, медицински сестри и болничари треба да се грижат за значително поголемиот број пациенти, што неминовно влијае на квалитетот на здравствената нега што се добива“, велат од Лекарската комора.

Од таму додаваат дека со ангажирање на здравствените капацитети во лекувањето пациенти со Ковид-19 неминовна последица е сведување на капацитетите за дијагностицирање, лекување и згрижување болни со нековид-патологија на минимум, што дополнително го загрозува здравјето на популацијата.



Од Лекарската комора потенцираат дека лекарите како здравствени професионалци на прво место ја имаат грижата за пациентите бидејќи тоа е предизвикот што го избрале.

Но, додаваат од таму, во исто време чувствуваме обврска и должност да предупредиме дека се наоѓаме во исклучително сериозна состојба, од која може да излеземе само ако сите почнеме одговорно да се однесуваме и да ги почитуваме мерките за заштита.

„Треба да сфатиме дека секој од нас и сите ние заедно, преку своите постапки, можеме значително да влијаеме на намалување на бројот на новозаболени и на тој начин да се заштитиме себеси, нашите семејства, пријатели, колеги и сите други граѓани. Со доследно и трајно спроведување на мерките за заштита може да го спречиме ширењето на вирусот, а со тоа и долго и тешко лекување на компликациите, загуба на животи и уривање на здравствениот систем. Ве повикуваме да ни помогнете во борбата со вирусот преку држење безбедна дистанца, носење заштитна маска, почесто миење на рацете и одбегнување групирања и собирања, особено во затворен простор. Во услови кога сѐ уште се очекува да бидат обезбедени вакцини за поширок опфат на населението, единствено со придржување до овие едноставни мерки за кратко време пандемијата може да се стави под контрола“, се наведува во соопштението од Лекарската комора.

Претходна статија

ЗАЕВ: ЗАЕДНИЧКАТА МАНИФЕСТАЦИЈА „ПО ТРАГИТЕ НА СВЕТИТЕ КИРИЛ И МЕТОДИЈ“ НА СЛОВАЧКА, ЧЕШКА И СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА Е ОД ОГРОМНО ЗНАЧЕЊЕ

Следна статија

КОМИТЕТОТ НА МИНИСТРИ НА СОВЕТОТ НА ЕВРОПА ЈА УСВОИ ДЕКЛАРАЦИЈАТА ЗА ЕДНАКВИ ПЛАТИ И МОЖНОСТИ ЗА ЖЕНИ И МАЖИ

Најново од Вести