| |

Кривичното право во Кралска Југославија

Пишува: Јован Николов

Навлезени веќе во 2024 година, во македонската историографија, сè уште срамежливо се говори за српското ропство (1912-1941), на Македонија (читај Јужна Србија). Не можам да поверувам дека филмот „Црвениот Поет“ за трагичната судбина на големиот поет Кочо Рацин, бил чуван цели осум години во фиока, за да не се навреди северниот ни сосед. Најчесто за научната фела од областа на историјата, а и општо од интелектуалците, овој период на ропство, е наречен „периодот помеѓу двете светски војни“, па оттука обичниот граѓанин кој не навлегува длабоко во историјата, не чепнал во непознатото, односно не слушнал за Тиквешкото востание, Охридското востание, не слушнал за ММТРО…

Уште како студент се чудев како по предметите Стварно право, Уставно право, Трудово право, Управно право при компаративна анализа учевме за правото на кралството СХС (Србите, Хрватите и Словенцте), подоцна Кралство Југославија, за правото на таа монархија која била “лулка“ на “демократијата“…

Но во кривично-правната материја потполен молк за кривичното и процесното право во СХС! Ден денес имаме молк од МАНУ, од правници, адвокати, историчари на правото итн… Правниот “земјотрес“ во Македонија не беше лесен. Стегите на шеријатското право (кога територијата на Македонија е под Османлиска власт), се заменија со новото џелатско и уште по сурово Српско кралско кривично право. Нормално за српските затвори и за „клањата“ по истите нема да прочитате ниту во најлибералните весници, телевизиски куќи, електронски портали…„све је под контрола у нашој отаџбини“, за да не се навреди карикатурата Западен Балкан (читај српски свет).

Во Кралска Југославија, територијата на денешна Северна Македонија се нарекувала „Јужна Бановина“, „Јужна Србија“, „Стара Србија“ или едноставно само „Бановина“, а народот српски. За политичко-правниот систем ќе пишувам во друга прилика….
Како што е општо познато за светската историска наука, покрај управниот (административен) систем и во правосудниот систем на „Бановина“ било забрането за домицилното население (Бугари, Власи, Турци, Албанци, Евреи) да обавува функции како тужилци (обвинители) и судии. Единствено што можеле да бидат и тоа во строго ограничен број само адвокати, блиски до власта, слуги на Белград, одметници од ВМРО и дали 0,01 процент чесни Бугари кои подоцна биле прогонувани или убивани од власта (за ова ќе стане збор подоцна во колумната).


Судиите и обвинителите постапувале “согласно“ кралскиот „lex generalis“ Кривичен законик и Законот за заштита на државата (ЗЗД), кој закон бил „lex specialis“, наменет за гонење на комунистите и на анархистите. Слабоста на вториов закон е во тоа што применувајќи го истиот не третирал одредби за казнивост на населението за дејствија поврзани со ВМРО, но таа правна празнина не претставувало пречка да се “замаскира“ и да се направат најсуровите процеси и монструозни казни во тоа време. Смртната казна била дозволена и се извршувала на најсвиреп и маченички начин.

Сите кривично-правни процеси во „Бановина“ биле дел од една денационализаторска политика, процеси составени од два дела 1.Предвремена истрага и 2.Формален суд.

1.)Предвремената истрага ја вршела жандармеријата. Нејзина цел била да го утврди речиси секогаш сложеното предвремено убедување за вина на жртвите, што и паднале во раце, извлекувајќи од нив самопризнанија. Ова бидејќи согласно Кривичниот законик на кралството за време на главниот претрес за судот биле најмеродавни самопризнанијата на обвинетите, особено кога истите се потврдени со сведочење на најмалку две лица-сведоци. Затоа предвремената истрага се стремела на секој можен начин да изнуди такви „самопризнанија“ од страна на обвинетите. Средствата, што се прменувале за постигнување на таа цел биле: Ќотек до умирање, стегање на главата со железни клешти, насочени револвери во чело или митралези во градите, притоа испрашуваните се исправани ноќно време пред отворен гроб, заплашувани со давење заплашувани со фрлање во река, езеро, со терор на блиските на испрашуваниот, тероризирани во ќелиите на белградскиот затвор-гробница Главњача-т.н „оџаци“ и многу други средства на една современа инквизиција, пред која бледнееле ужасите на средновековието.
Како резултат на горенаведените мерки за самопризнанија, обвинетите на главниот претрес пред судот се појавувале утепани од ќотек, разголени ги покажувале раните и белезите од теророт, оглувени, ослепени, со изгореници по телото, со сечени делови од телото, полудени од ужасите што ги спроведувала жандармеријата за време на предистрагата.
Голем број од обвинетите умирале по затворите, за да потоа судот при изрекување на казната постхумно да ги прогласи за виновни (правен парадокс во светското право) или пак ако учествувале во својство на сведоци да се искористат нивните искази како “релевантни“ иако истите се давале со помош на цитираните мерки, односно однапред напишани сведочења од властите на кои сведоците само ставале потпис…

(Продолжува)

Слични Објави