| | |

Крсто Сарафов – една од клучните фигури во историјата на бугарскиот театар

Крсто Сарафов, со речиси шест децении сценска дејност и повеќе од 250 улоги, е меѓу основоположниците на професионалната бугарска актерска школа. Неговото име го носи Националната академија за театарска и филмска уметност во Софија, пишува Актуално.

Сарафов е роден на 6 април 1876 година во селото Либјахово, Неврокопско, денешно Илинден во општина Гоце Делчев. Потекнува од познато преродбеничко семејство Сарафови. Негов татко е Петар Сарафов учител и општественик, а неговиот дедо, архимандрит Харитон, и неговиот чичко Коста Сарафов учествувале во борбата за независна Бугарска црква. Негов брат е револуционерот Борис Сарафов.

Во 1895 година добива стипендија за студии по драмска уметност во Санкт Петербург, како еден од четворицата избрани меѓу 60 кандидати. Дипломира со одличен успех на Императорското театарско училиште, а во 1899 година дебитира во театарот „Солза и смеа“.

Од 1904 година, со кратки прекини, неговата кариера е поврзана со Народниот театар. Покрај актерската работа, Сарафов бил главен режисер на Народниот театар од 1915 до 1919 година, основач и прв директор на театарот „Ренесанс“, како и режисер и директор во театри во Русе, Бургас и Варна.

Во 1951 година Државното високо театарско училиште го добива неговото име, додека тој сè уште бил жив. Денес образовната институцијата се нарекува Национална академија за театарска и филмска уметност „Крсто Сарафов“.

Сарафов починал на 27 август 1952 година во Софија, на 76-годишна возраст. По неговата смрт, Народниот театар го носел неговото име од 1952 до 1962 година, пред повторно да биде именуван Иван Вазов.



Слични Објави