| |

Жолтите коцки и денес остануваат еден од препознатливите симболи на бугарскиот главен град

Осумнаесет улици и пет плоштади со вкупна површина од речиси 60.000 квадратни метри во центарот на Софија биле покриени со познатите жолти керамички коцки на почетокот на XX век, покажуваат документи што се чуваат во Државната агенција „Архиви“ на Бугарија, пишува 24 часа.

Улиците и плоштадите се наведени во протокол од 8 декември 1909 година, со кој комисија на Општина Софија ги примила објектите поплочени од друштвото „Изида“. Меѓу нив биле делови од улиците „Раковска“, „Славјанска“, „Бенковски“, „Левски“ и „Гурко“, како и плоштадите „Св. Софија“ и „Бањски“.

Одлуката за поставување на керамичката настилка била донесена во 1906 година. Според претседателот на Државната агенција „Архиви“, доц. Михаил Груев, документите го побиваат преданието дека коцките биле свадбен подарок за кнезот Фердинанд. „Изида“ ги набавила од австроунгарска компанија за производство на керамички производи во Будимпешта.

Првата испорака опфатила 380.000 коцки за околу 10.000 квадратни метри, со вредност од 150.000 тогашни лева. Подоцна биле набавени дополнителни количини.

Дел од жолтите коцки биле уништени за време на војните и бомбардирањата на Софија. Бидејќи повеќе не се произведувале и не можеле да се набават, на повеќе улици постепено биле заменети со гранитни павета, а подоцна и со асфалт.

Архивските документи содржат и детални упатства за нивното поставување и контрола на квалитетот. Жолтите коцки и денес остануваат еден од препознатливите симболи на бугарскиот главен град.

Слични Објави