|

Кучињата кои касаа по скопските улици го чинеа Скопје 10 милиони денари, „Лајка“: Ние сме последни за решавање на проблемот

Градското претпријатие „Лајка“ затекнало нетретирани кучиња во Аеродром, на местото каде глутницата пред два дена нападна домашен миленик и неговиот сопственик. Самите посочуваат дека обврската да се грижат за уличните кучиња е нивна. Но сметаат дека проблемот со неконтролираното размножување е кај други институции и посочуваат дека го амортизираат проблемот, кој пак, треба трајно да се реши. Од „Лајка“ за „Макфакс“ потенцираат дека минатата година платиле 10 милиони денари односно 162.000 евра, како оштета на граѓани поради каснување од бездомни кучиња. За последниот случај во Аеродром, посочуваат дека сите нетретирани кучиња кои се затекнати на местото каде глутницата нападна домашен миленик, ќе бидат заловени.

„Од посоченото видео не може да се тврди со сигурност дали кучињата имаат обетки или не, нашите вработени во текот на вчерашниот ден излегоа на посочената локација и утврдија дека околу 80% од кучињата кои ги затекнаа се со ушна маркица и во текот на денешниот ден ќе пристапат кон заловување на секоја единка која не е обележана со ушна маркица на истата локација“, велат од ЈП „Лајка“.

Според нив, тие не се проблем, туку другите институции за кои посочуваат дека не делуваат соодветно.

„Одговорноста за перпетуирањето на проблемот со постоењето на бездомните кучиња е на институциите кои ги креираат законите и ги спроведуваат. ЈП Лајка е последниот обрач во ланецот за ставање под контрола на овој проблем, но за жал во јавноста само нас не препознаваат како одговорна институција за решавање на проблемот со уличната популација на кучиња. Нашата позиција во моментот е да го амортизираме проблемот кој други надлежни институции како Агенцијата за храна и ветеринарство, Министерството за земјоделство шумарство и водостопанство, Министерствоото за внатрешни работи навремено не го превенираат но и не делуваат соодветно“, додаваат од јавното претпријатие.

Изминатата година, „Лајка“ платила 10 милиони денари за оштета во десет скопски општини. Тоа значи дека во секоја општина се платени по 1 милион денари. Сепак, додека граѓаните се жалат од бројот на кучиња по улиците, раководството тврди дека постигнува успеси.

„ЈП Лајка во изминатите месеци од месец на месец постигнува нови рекорди во третирани кучиња на месечно ниво. Се доорганизираме и максимално ги користиме нашите ресурси, иако финасиската состојба ни е нестабилна и имаме потреба од поголема подршка“, додаваат од ЈП „Лајка“.

Претходно, глутница од кучиња нападна домашен миленик и маж кој го шеташе на поводник. Од вознемирувачката снимка која ја доби „Макфакс“ се гледа како сопственикот на миленикот беспомошно се обидува да го спаси неговото куче од глутницата, додека тие го распарчуваат.

Слични Објави