| |

Култура – генеалогија без почеток, или нашата бездуховна духовност

Христо Михајлов

Ако по којзнае кој пат им се довериме на видувањата на големиот уметник Марк Шагал, тие истите недвосмислено ќе ни покажат дека за да застанеш како што самиот сакаш во пространство, неизоставно треба да се потпреш некаде. А и положбата на актуелен министер на културата, особено денес, а уште поособено во Р. С. Македонија, не е многу поразлична отколку на персонажите на Шагал, дојдени направо од родното му руско зафрлено гратче Витебск.

Наше е секогаш бескорисно да ѝ помагаме при исполнување на таа тешка фигура, независно од тоа дали таа ќе ја прими помошта и независно од цената којашто сите ние ја плаќаме за бесплатната помош. Кој ли само жив знае, можеби некогаш таа ќе може и да се потпре на неа и одеднаш сè да се преобрати, а пред сè да се преобратат приоритетите.

Притоа, луѓето верни на упорната марксистичка догма за битието, коешто го определува сознанието, си ги разменија местата. На таков начин, оставајќи ја духовната култура да ги искупува футуристичките гревови на нивните предци, одложувајќи ја за „она после“, а т.н. смена на системот ја доверија само на економијата, т.е. создавајќи го поредниот глобален социјален проект.

На границата меѓу два света, утопиите за новото нормализирање на општеството не се помалку опасни од веќе преживеаните. Тие се претвораат во параван зад кој старите и превејани итромани заземаат нови места и истовремено остануваат исти.

Смената на системот не е смена на местата, туку на духовните вредности; таа не е револуционерен судир помеѓу туѓи и свои интереси, туку интимен судир на човекот со самиот себе. Движењата во моралот не се извршуваат ниту на територијата на економијата, уште помалку на политиката, туку на територијата на духовната култура.

Кога еден свет се заменува со друг, само оттаму можат да дојдат мотивите за таа смена, зашто тие се светогледни. Не клучните министерства, не Министерството за финансии, ниту енергетиката, туку токму Министерството на културата располага со енергиите за смена на системот. И токму затоа неговата основна задача не е да клечи и моли за малку милост и повеќе пари, туку да ја обоснови духовната култура како национален приоритет.

И сè додека тоа не се случи, евентуалната смена на системот ќе се сведува на јавен скандал околу тоа кој ќе го има моралното право да ја изврши, т.е. ќе чека во сопственото предворие.

Преобратувањето на духовната култура во наш национален приоритет неизбежно ќе го претполага и осознавањето на приоритетите внатре во неа, а кои се барем неколку: индивидуалните авторитети, етничките разлики, националната идентичност, елитарната култура, медијакултурата итн.

Денес сме сè понеми сведоци на умисленото замолчување на индивидуалните гласови во културата, а правото на глас се обезбедува единствено од електоратот којшто стои или изгледа дека стои зад него. Интелектуалецот се слуша само тогаш кога не зборува од свое име, туку како нечиј говорител, односно секое негово искажување во крајна сметка се претвора во политичко.

Ако истиот тој навистина се ангажира со такви и слични искажувања, автоматски престанува да биде вистински интелектуалец, зашто интелектуалецот не е режимлија, туку критичар на власта. Ако не се ангажира, паѓа во периферијата на општествениот живот, заостанувајќи во дисидентска позиција.

Приоритет на Министерството на културата е да се сопре производството на дисиденти и да се помага за интегрирањето во јавното пространство на секоја културна позиција. Оти ниту една културна позиција не може да биде опасна за демократската власт; напротив, власта може да биде опасна за културните позиции, штом ќе започне да ги подредува во политички хиерархии.

Друг не помалку важен приоритет на Министерството на културата е да ги лансира во македонското општество тие различности имено како културни, спротивставувајќи се на стремежот тие да бидат претставени како економски, социјални и политички.

Само на територијата на духовната култура етносите би можеле да се пројават себеси и напоредно со тоа таа нивна изјава да не се претвори во директен конфликт помеѓу нив самите. Бидејќи само благодарение на насложувањето на различностите, вклучително и на етничките, нашата култура внатрешно се демократизира, извлекувајќи се од длабоката сенка на децениската идеолошка тавтологичност.

Откако најпосле божем излеговме од една репресивно ни наложена тоталитарна заедница, од цитирањето на југокомунистичкиот модел како национална културна политика, ние веќе доброволно се стремиме кон вклучувањето во други европски заедници.

Тој акт, надвор од сите привилегии и утопии, ги носи и природните ризици на асимилацијата. Ниту во економски, ниту во политички, ниту пак во социјален однос можеме и треба да ѝ се спротивставиме, зашто таму дејствуваат законите на прогресивната логика.

Од тие закони не изнедрува духовната култура; таа го прекинува линеарното време и се вклучува во безвремието на музејот. Имено, вообразениот светски музеј е единственото место каде што сè уште можеме успешно да ја заштитиме својата национална идентичност, за да нè има.

И прв приоритет на Министерството на културата е да застане зад сите оние постигнувања на духот, без оглед на нивната политичка припадност, коишто присуствуваат во тој музеј.

Слични Објави