|

Курти: Српските барикади во северно Косово ќе се отстранат во наредните неколку денови

Косовскиот премиер Албин Курти изјави дека барикадите кои локалните Срби ги имаат поставено во северно Косово, на патиштата кои водат кон граничните премини со Србија, ќе бидат отстранети во наредните неколку денови, јави дописникот на МИА од Приштина.

Во интервју за босанскиот медиум Истрага.ба, кое го пренесуваат косовските медиуми, Курти порача дека, доколу барикадите не бидат отстранети од мировната мисија на НАТО во Косово, КФОР, како што самата претходно најави, тоа ќе го стори полицијата на Косово.

– Ако тоа не го стори КФОР, ќе го направиме ние. Не може тоа да трае со месеци. Ниту со недели… Само неколку денови, изјави Курти.

Според косовскиот премиер, барикадите се „само нова епизода“ во сценариото за дестабилизација на Косово, подготвено од властите во Белград.

– Ние ја имаме полицијата на север, која е сега поприсутна од кога и да е порано. Но ние имаме и 11 барикади. Овие барикаде се само нова епизода по онаа првата, во која Србите добија наредба од Белград да ги напуштат сите косовски институции, вели Курти.

Тој смета дека, со последните дејствија во северно Косово, властите во Србија „ги повторуваат грешките од 90-тите години“, кога се случија воените конфликти во Босна и Херцеговина и Хрватска.

– Тие немаат креативност. Тие не знаат друго освен да ги повторуваат грешките од 90-тите години, кога градеа барикади во Босна и Хрватска. Значи, на извесен начин, знаат само да се повторуваат. Јас мислам дека и овој обид ќе им пропадне, изјави Курти.

Тој вели дека на оние кои ја спроведуваат блокадата во северно Косово директивите им доаѓаат од Белград, додека српското население во таа област е заплашено од илегалните структури, кои станале криминални банди и кои се „поагресивни од кога и да е порано“.

Извор: zoom.mk



Слични Објави