Л. ЈАНЕВА: КОНТАКТИТЕ СО КОЛЕГИТЕ И ПУБЛИКАТА МИ ЈА ПРОВОЦИРААТ ФАНТАЗИЈАТА

///

Лора Јанева е родена во 1984 г. во Русе, Бугарија. Таа го завршила средното уметничко училиште „Св. Кирил и Методиј“ во Бургас, отсек-сликарство во 2002 г, а во 2006 дипломира на Универзитетот во Велико Трново отсек- графика.

Од 2004 г. Лора Јанева учествува на голем број ликовни колонии од локален и меѓународен карактер. Нејзини графики, цртежи и слики се дел од голем дел приватни колекции во Шпанија, Германија, Турција,Македонија, Русија и САД.

Учесник е на повеќе меѓународни уметнички биеналиња во Украина, Италија, Турција, Грција, Бугарија.

Носител е на голем број награди во Бугарија меѓу кои е и признанието за млад уметник на градот Бургас во 2013 г.

Лора доаѓа за втор пат во Македонија. Во 2009 била дел од ликовна колонија за графика во Богданци, предводена од таткото на македонскиот графички дизајн, легендата проф. д-р Костадин Танчев-Динка, а годинава ќе учествува со свои дела во ликовната колонија организирана во Валандово.

Г-ца Јанева беше љубезна да даде кратко интервју за нашиот портал.

Лора, ми кажа дека за втор пат го посетуваш Скопје, како те пречека градот после 10 години од вашата прва средба? Какви се твоите впечатоци?

Пред 10 години бев поканета на една ликовна колонија за графика во Богданци и тогаш за прв пат имав можност да го посетам Скопје. Градот ми остави силен впечаток, и денес кога доаѓам овде повторно, можам да кажам дека градот е многу изменет. Се гледа дека доживеал голем развој, интересна е промената во архитектурата на зградите посебно во централниот дел и секако големиот број споменици. Годинава мојата домаќинка Гордана Винчиќ ме однесе во стариот дел на градот- Чаршијата. Едно навистина прекрасно место со многу колорит.

Што треба да се направи за да се продлабочи соработката меѓу ликовните уметници од Македонија и Бугарија?

Треба да се организираат повеќе заеднички отворени изложби на македонски и бугарски автори. Ете јас планирам да организирам изложба на која ќе ги поканам и моите пријатели Гордана Винчиќ и Игор Љубовчевски-Љубац. Така преку нашата соработка и секако здружениот труд на нашите колеги ќе можеме да изградиме еден мост меѓу двете земји.

Раскажи ми за твојот премин од графиката кон живописот.

Јас сум академски сликар-графичар, но мислам дека уметникот не треба да се ограничува во начинот на кој ќе го претстави своето дело. Уметникот без прекин треба да се бара и да работи во поголем број формати, во различни стилови и секако да не се ограничува само на хартијата или платното. Уметноста е насекаде и секој еден предмет може да се претвори во уметничко дело.

Што мислиш за комерцијалниот момент во ликовната уметност?



Секој творец треба да биде слободен да го работи тоа во што се пронаоѓа и што му лежи на срце. Некои автори се ориентираат кон по комерцијални проекти, други и’ остануваат лојални на онаа класичната уметност. Се пак да не забораваме дека има публика за сите. Јас не можам да го негирам овој покомерцијален тип на уметност. Луѓето се тие кои треба да ја направат разликата.

Годинава си дел од ликовната колонија во Валандово. Што очекуваш од овој културен настан?

Очекувам многу дружење со другите учесници и нова инспирација. Секоја една средба со колеги уметници ја носи со себе и инспирацијата. Контактот со другите автори му носи на уметникот еден како да го наречам, препород во чисто инспиративна смисла. Ако некој започнал да се повторува во своите дела, новите доживувања, согледувања и контакти со колегите, ќе му донесат некоја нова нијанса, а тоа ќе му влијае позитивно. Контактите со колегите и публиката ми ја провоцираат фантазијата и точно тоа очекувам да ми се случи и годинава во Валандово. Очекувам се разбира и многу нови пријателства.

Еве што кажа за својата гостинка од Бугарија нашата ликовна уметничка Гордана Винчиќ која е дел од организацијата на колонијата во Валандово:

„Кај Лора најмногу ме импресионира нејзиниот посебен печат во уметничкото изразување. Таа прави еден интересен микс меѓу графика и сликарство, таа изразува многу љубов во нејзините слики, а тоа многу ми се допаѓа. Колоритот што го покажува е повеќе од автентичен. Многу ми се допаѓа тоа, што Лора пристапува многу отворено кон својата публика. Таа комуницира со неа и со гордост ја претставува Бугарија. Лора е уметник, кој знае да се претстави во најдобро светло, тоа е многу важно во нашата работа. Јас како да забележувам некаква сличност во нашите дела иако не работиме заедно, можеби не’ инспирираат слични работи. Имам чувството дека преку нашата соработка се надоградуваме и двете и токму затоа таа е мој специјален гостин на годинешната ликовна колонија во Валандово“- изјави Гордана Винчиќ за нашиот портал.



Претходна статија

ГДУ- КУМАНОВО: НА НИКОЈ ДА НЕ СЕ ПОВТОРИ АГОНИЈАТА НА ИЛИНКА АРСОВА

Следна статија

СДСМ: 50 МИЛИОНИ ЕВРА СЕКОЈА ГОДИНА СЕ ВРАЌААТ НАЗАД КАЈ ГРАЃАНИТЕ

Најново од Интервју