ЛАТАС ПОДНЕЛ ОСТАВКА ОД ФУНКЦИЈАТА ГЛАВЕН И ОДГОВОРЕН УРЕДНИК НА СИТЕЛ

Новинарот Дараган Павливиќ – Латас објави дека поднел оставка на функцијата главен и одговорен уредник во ТВ Сител.

„Оставката ја поднесувам со цел – заштита од понатамошни притисоците кон мене како новинар и кон медиумот во кој работам. На оваа функција во ТВ Сител сум од мај 1997 година до денес, период од речиси 22 години во континуитет што е најдолаг уреднички стаж и мандат во релевантен медиум во Македонија во било која категорија, од основањето на државата до денес.

За тој период ТВ Сител израсна во водечки медиум во Македонија, препознатлив по својот стил, со свој карактер и школа од која излегоа најголем дел од денес релевантните новинари во државата, каде е создадена семејна атмосфера на соработка исполнета со меѓусебна доверба, заедничка посветеност на работата и професионалните стандарди.

За тоа време ТВ Сител изгради свој идентитет забележан и почитуван не само во Македонија туку и во регионот.

Како новинар со најголема продукција меѓу денешните професионални новинари, со пет награди за новинар на годината и внимание добиено од публиката и јавноста благодарен сум на ТВ Сител за укажаната можност како главен и одговорен уредник да предводам медиум и тим со кој се гордеам. ТВ Сител е мое животно дело, трага која е неизбршлива и секојдневно видлива“ се вели во изјавата на Латас.

Тој најави дека ќе продолжи со својот професионален ангажман во ТВ Сител и понатаму, како новинар и како Извршен продуцент.

Им се заблагодари на своите соработници, во изминатите 22 години за, како што вели, секој час поминат со нив, за соработка без ниту еден лош збор и ниту една неостварена заедничка идеја и проект.

Извор: Макфакс

Слични Објави