Лажна грижа или вистинска држава, кој ја ослабува Северна Македонија?
Facebook статус на Никица Корубин
Го спореше опозицијата Договорот со Бугарија, но не гласаше против, туку ја напушти собраниската сала во 2018 година.
Го спореше и Преспанскиот договор, но не гласаше против, туку повторно ја напушти собраниската сала, во истата 2018 година.
НАТО не го спори, но патот друг да го иззоди.
ЕУ (демек) не го спори, но патот да потрае уште десетина години.
Охридскиот договор (демек) не го спори, ама се шири албанофобија без контрола (и со медиумска помош).
Се спори техничката влада, но не и влезот во неа, а тој друг да го изгласа.
И светот ако може да се смени, по “наша” мерка. Кога веќе активно се придонесува за “мерката”.
А, всушност преку патрдии, итрини и исмевања, се спори самата држава, нејзината кредибилност, а со тоа и одржливост и постоење. Која така несериозна и лабилна, ги негира и/или преиспитува сите темелни меѓународни договори. Сите “се наредија” изминативе години, а некои и “преку ред” по два-три пати, во различни форми. Дали е “бугарски диктат” или “француски предлог”, дали е “името не го даваме” или “никогаш северна”, дали е “балансерот е неуставен” или “Албанците земаат плата, а седат дома”; сеедно, крајниот ефект и порака која нашата “јавност” и преку (но не и екслузивно само) опозицијата, ни’ ја праќа е јасна: сите клучни чекори, во стабилизирањето на државата ќе бидат обесмислени. Кога веќе не се спречени.
И во таа “јавност” има место за избраните: негаторите “меки и тврди” на европската иднина и стабилизација на државата, на секоја партиска, “аналитичка”, професорска, бизнис, синдикална фигура која го промовира или нормализира “анти” наративот (антиевропски, антибугарски, антигрчки, антиалбански, антицивилизациски).
За на крајот суштински да го сведе на “антимакедонски”, во смисла на европска и организирана држава, со јасна кампања за скандализирање и обесмислување на СевернаМакедонија, која таква кревка не е подобна за ЕУ, ама е подобна за локално/регионална контрола.
И најновата нормализација на “одложувањето на примена” на Преспанскиот договор, кој добива комични епизоди, за жал трагични за кредибилитетот на државата, се чини дека за никого не се неприфатливи од партиско/политичкиот спектар. Затоа што патот на “нормализацијата” на свесната и дозволена дестабилизација на правниот систем и меѓународна позиција на државата, оди преку сите можни канали, дозволени и премолчени и од самата власт. А, често пати и прифатени и дополнети. Без разлика на популистичкиот, калкулантскиот или комформистички мотив. Ефектот е ист.
Наместо јасно прифаќање, промоција и рационализирање на темелните договори кои се влезени, патем речено како услов и во преговарачката рамка, а инаку примарно се дел од нашиот уставен поредок, “мекиот” третман на константниот агресивен напад кон нив, може да се третира како соучесништво. Свесно или несвесно, сеедно.
Преспанскиот договор е конечен. Потпишан е под покровителство на Обединетите нации. Кај нас е во сила, после завршувањето на уставните измени, значи од почетокот на 2019 година. 5 години. Имплементиран е во однос на патните исправи во јуни 2021 година, на половина од 5-те години. И ако сите неодговорно, неполитички и калкулантски, молчеа и го опструрираа од разно-разни побуди, 4,5 години, тешко дека сега имаат рецепт за “купување време” за 6 месеци, кои се стопија на помалку од еден месец.
И не е прашањето зошто сега има редици и метеж, туку зошто цели 5 години (скратени противуставно на 2,5) немаше редици и метеж за промена на документите? Каде беа тогаш “загрижените”? Не’ бранеа од “бугарскиот диктат”? Каде беа надлежните да ја спроведат промената во разумен период од цели 5 години?
Истото, повеќе невидливо, а помалку видливо се случува и со блокадата на уставните измени. Се троши и купува времето. На сите кои на дневна основа, и преку оспорување на клучните договори, го оспоруваат, го обесмислуваат и повикуваат на непочитување на уставот на сопствената држава. И на сите кои тоа го дозволуваат, непречено, непроблематизирано и слободно да се случува. Нормализирање на противуставноста. Затоа што на крајот, всушност самата европска и НАТО Северна Македонија е таа што “пречи”. Нејзиното стабилизирање и позиционирање.
И може уште малку “да се лажеме” и да се криеме од обврските и нашиот сопствен устав, ама и ова време ќе истече. А, со оглед на регионалниот и светски нестабилен контекст, прашање е во кој ред следно ќе се чека. Оваа флагрантна и безмилосна “игра со оган”, само едно значи. Времето навистина истекува, а со тоа и крајната цел е поблиску. Или подалеку. Зависи од тоа дали ја прифаќаме реалноста, или ја негираме. Или со политички речник, кој ги почитува сопствениот устав и држава, а кој не? Затоа што лажната одбрана е всушност класичен напад. А, лаги на секој чекор …
