Историски момент за Бугаристиката во САД
Генералниот конзул на Бугарија во Чикаго Светослав Станков соопшти за значаен академски успех на Бугариja. Од 20 октомври 2025 година Универзитетот во Илиноис – Урбана/Шампејн официјално ќе нуди курсеви по бугарски јазик и култура, реализирани со поддршка на Министерството за образование и наука на Република Бугарија. Тоа е прва програма по Бугаристика во САД.
Во рамките на пилот иницијативата студентите ќе можат да изучуваат: Бугарски јазик за студенти со бугарско потекло (LCTL 201) и Вовед во бугарскиот јазик (LCTL 101). Во пролетниот семестар во 2026 година се очекува и курс по бугарска историја и култура.

Бугарските студенти се дел од академската заедница на Илиноис уште од 1911 година – и денес, по долг прекин, долгогодишниот сон за изучување на бугарскиот јазик и култура повторно станува реалност, пишува во својата објава на социјалната мрежа Facebook генералниот конзул Станков.
Предавач во новата програма е доц. д-р Илијана Димитрова од Великотрновскиот универзитет.
„Ова е програма што претставува и партнерство со бугарската влада, која со задоволство ја поддржува бугаристиката во САД. Надежта е дека студентите ќе најдат начин да ја одржуваат врската со бугарскиот јазик и култура, а и нови студенти допрва ќе ја откриваат. Освен тоа, имаме подготвена и програма за размена, која ќе овозможи на студентите да ја посетат Бугарија во текот на летото – а тоа е навистина прекрасно место,“ истакна проф. Џон Рандолф, вршител на должност извршен директор на Illinois Global Institute.

Запишувањето за курсевите е отворено до 24 октомври 2025 година. Повеќе информации можете да добиете преку е-mail на [email protected].
„Ги охрабрувам сите бугарски студенти на универзитетот активно да се вклучат во програмата и да ги поканат своите пријатели да ја откријат заедно со нив“, пишува Станков.
