Лефков: Банката што му дала кредит на Ветон Груби го проценила на 200.000 евра, двапати повеќе од тоа што Груби платил
Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Миле Лефков, објави нови детали од случајот со купувањето на дуќанот на улицата Македонија од страна на братот на Артан Груби.
„Според нашите информации, банката што му дала кредит на Ветон Груби го проценила на 200.000 евра, односно двапати повеќе од тоа што Груби платил. Процената на банката е со најниската цена за квадратен метар зашто така си ги штити своите пари, но дури и по таа процена, Груби го платил дуќанот двапати поевтино од најниската реална вредност. Груби мора да одговори како, додека тој е вицепремиер, брат му купува дуќан во центарот на Скопје по неколкупати пониска цена од реалната? Како братот на Груби плаќа 650 евра за квадратен метар деловен простор на улицата Македонија“?, објави пратеникот Лефков преку своето соопштение.
Како што дополнува, цената за квадратен метар што Груби ја платил за дуќан во центарот на Скопје е помала не само од цените во Скопје туку и од другите градови во Македонија.
„ЈО мора да реагира. Од авион се гледа дека братот на Груби платил цена многу пониска од реалната. Мора да се истражи зошто дуќанот е купен под цена и дали можеби разликата во цената е платена во готово или со други услуги што не се пријавени, а со тоа е прекршен законот и е затаен данок? ЈО да не чека, имаме еклатантен пример за политичка корупција, која мора да има епилог“, посочува пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Миле Лефков.
