|

Левицата: Двојазичните униформи се спротивни на мислењето на Венециската комисија

Поради стравот дека обидот за воведување двојазични униформи со закон ќе биде блокиран од Левицата, Владата на Ковачевски противуставно донесе скандалозна уредба, со која униформите на полицијата стана двојазични, реагираат од оваа партија.

Токму Законот за двојазичноста беше оспорен од Венециската комисија при Советот на Европа, истакнуваат од оваа партија, за што, како што појаснуваат, поранешниот премиер Заев изјави дека ќе биде земено предвид поради евроинтегративните процеси.

„Венециската комисија, изјаснувајќи се по Законот за употреба на јазиците, истакна дека тој ги надминува европските стандарди во однос на правото на употреба на малцинските јазици и се оди предалеку со наметнување нереални законски обврски на државните институции.

Во негативното мислење на Венециската комисија опфатен е и делот со јазикот на службените униформи, каде што е наведено дека повеќејазичните униформи се речиси непознат феномен (без разлика дали се работи за униформи на полицијата, војската, пожарникарите или здравствените работници)!

Иако изјавите по донесувањето на Законот за двојазичноста гласеа дека Владата пред неговата практична употреба ќе побара мислење, а забелешките на Венециската комисијата ќе бидат спроведени – сепак, добиеното негативно мислење од 2019 година тотално се игнорира во духот на диктаторското владеење на СДС и ДУИ“, се истакнува во соопштението од оваа партија.

Потсетуваат дека „единствено Левицата се изјасни и ја оспори скандалозната уредба за униформата и ознаките на униформата на полицијата пред Уставниот суд. Со воведувањето на двојазичните униформи се погазија европските институции и повторно се докажа подреденоста на СДСМ во однос на ДУИ и нивните апетити за федерализација“.

Истовремено, како што оценуваат, преку молкот на Христијан Мицкоски се покажаа и калкулациите на ВМРО-ДПМНЕ за идно формирање влада со ДУИ на сметка на унитарниот карактер, суверенитетот, територијалниот интегритет и независноста на Република Македонија.

Слични Објави