| |

“Лицемере, извади ја најнапред гредата од своето око…!”

Пишува: Зоранчо Маринков

Изминативе неколку дена во македонската јавност се крена силна врева во врска со именувањето на една улица во општина Чаир во Скопје. Имено, наместо “Втора македонска ударна бригада”, улицата беше преименувана во “Адем Демачи”, во чест на етнички Aлбанец од Косово. Човекот лежел 28 год. затвор во Титова Југославија, заради неговото залагање за независност на Косово.

Од партијата ВМРО-ДПМНЕ ја критикуваа промената и истакнаа дека “улицата го добива името на Демачи, кој нема никакви допирни точки ниту со историјата на Македонија, ниту пак со Скопје, туку имал националистички идеали поврзани со други држави.”

Е, сега. Во Битола, речиси во строгиот центар на градот има две улици, во непосредна близина една до друга, кои носат имиња – Доктор Рајс и Гаврило Принцип. Во периодот 1941-1944 год. денешната улица “Доктор Рајс” го носела името “Кузман Шапкарев”.

Советот на општина Битола, во којшто тогаш мнозинство има партијата ВМРО-ДПМНЕ, во месец јули 2012 год. носи заклучок за листа за менување на имиња на дури 73 улици во градот. Се менуваат имиња на улици кои се наречени по комунисти-партизани од поранешна Југославија, при што тие се сменети со имиња на други комунисти-партизани, но сега од Северна Македонија, потоа со имиња на партизански воени единици, на антички војсководци и со некои дејци на ВМОРО. Од друга страна, се даваат и имиња на улици во чест загинатите полицајци и војници од Битола во воениот конфликт во 2001 год., што беше убав гест за поздравување.

Истовремено заслужува да се одбележи дека улиците “Доктор Рајс” и “Гаврило Принцип” го зачувуваат своето име. Тоа зборува дека од партијата ВМРО-ДПМНЕ немале и сеуште немаат проблем со делата на овие лица.

Да потсетиме кој бил Доктор Рајс. Рудолф Арчибалд Рајс е германски швајцарец, ангажиран од страна на Србија за време на Првата светска војна, голем пријател и подржувач на кралот Александар I Караѓорѓевич. Тој станува великосрбски шовинист и уште во ноември 1916 год. тврди дека Битола е српски град и прва грутка на ослободена Србија. За Арчибалд Рајс, нашата Македонија не постои, туку има само Јужна Србија.

Еве што пишува Арчибалд Рајс после влегувањето на војските на Антантата во Битола во ноември 1916 година:

“Битољ је пао у руке Савезника 6. (19.) новембра. To је први српски град ослобођен испод освајачева јарма.”

“Сретао сам српске официре на коњима, који нису могли одолети жељи да стану на калдрму српскога града и који се враћају у своје логоре.

“Петар I имаше голема радост да се врати во својата земја слободен и како победник, и да види дека се обединети, под власта на неговиот син, сите оние кои што говорат на ист јазик. Народното обединување беше цел на неговиот живот”.

Арчибалд Рајс на 29.10.1924 во Велес одржува говор по повод чествувањето на 20-годишнината од српската вооружена борба во Македонија и подигањето на споменик на српскиот четнички војвода Јован Бабунски:

“Со возбуда го држам говорот пред овој камен, одреден да го овековечи споменот на Јован Бабунски. Овој камен на којшто можеа да се издлабат два прости збора: лојалност и патриотизам, ќе им покаже на младите кои треба да го довршат делото на Бабунски и неговите другари, чиишто коски се одмараат во светата земја на Јужна Србија, што направиле нивните предци и какви жртви дале за Татковината. Ти горд србски орелу, кога ќе крстариш над своето гнездо – прекрасната Јужна Србија, спушти го својот величествен лет и поздрави го гробот на еден од најдобрите синови на Татковината, поздрави го гробот на Јован Бабунски.”

Гаврило Принцип, роден во Босна, терорист, кој го извршил атентатот врз австроунгарскиот престолонаследник Франц Фердинанд и неговата сопруга Софија и припадник на организацијата “Млада Босна”, соработувал за атентатот и со злогласната српска организација “Црна Рука”. Гаврило Принцип нема никаква врска ниту со Битола, ниту со тогашна Македонија, но за сметка на тоа бил почитуван во Кралска и Титова Југославија.

Во 2023 год. да има улица наречена Доктор Рајс (по името на човек што 100% ти го негирал идентитентот и името на земјата) и да се обвинува некој друг, дека “нема никакви допирни точки ниту со историјата на Македонија, ниту пак со Скопје, туку имал националистички идеали поврзани со други држава”, е надвор од здравиот разум.

Слични Објави