| |

Ликовниот уметник Л’чезар Бојаџиев ќе учествува на 35-та ликовна колонија во Галичник

На 12 август во село Галичник Република Северна Македонија ќе започне 35-та Галичка ликовна колонија. Ликовната колонија Галичник е една од најстарите и единствените ликовна колонија од ваков вид на регионално ниво, која секоја година се стреми кон нешто ново, различно и актуелно во современата уметност, јавува Бугарскиот културно-информативен центар во Скопје.

Оваа година на Ликовната колонија Галичник ќе учествуваат 10 ликовни уметници: Кристин Ледерер – Австрија, Ивана Хостник – Србија/Словенија, Л’чезар Бојаџиев – Бугарија, Софија Димова – Бугарија, Марина Касијаниду – Кипар, Елија Калогиани – Грција – Стефан Корнацки-Полска , Ил Џафери – Косово, Клелија Живковиќ – РСМ и Дарко Алексовски – РСМ.

Бугарскиот Културно-Информативен Центар Скопје е долгогодишен партнер на Ликовната колонија Галичник и ги поддржува уметниците кои доаѓаат од Бугарија. Од бугарската културно-информативна институција нѐ запознаваат со еден од највидните современи бугарски уметници Л’чезар Бојаџиев, учесник на Ликовната колонија Галичник оваа година.

Л’чезар Бојаџиев (1957) е роден во Софија каде живее и работи. Дипломирал на Катедрата за историја на уметност на Националната академија за ликовни уметности во Софија во 1980 година. Уметникот го завршил своето уметничко образование додека живеел во Њујорк, САД во 1980-тите. Својата уметничка кариера ја започнал по падот на Берлинскиот ѕид во 1989 година. Неговите теми се однесуваат на лична интерпретација на општествените процеси, за интеракцијата помеѓу приватното и јавното, за урбаната визуелност и денешниот свет поделен меѓу утопија и дистопија. Неговите медиуми се инсталација, фотографија, цртеж, објекти, текст, видео и перформативни предавања. Во 2020 година неговото самостојна изложба „Л’чезар Бојаџиев: Повторно градење на светот на сликите. 1991-2019“ беше изложена во MOMus Contemporary во Солун, Грција.

Во 2023 година, неговите самостојни проекти беа „Урбано мечтаење“ во галеријата ICA-Sofia и „Јавна скала, приватна големина“ во галеријата Структура, двете во Софија. Во 2022 година уметникот учествуваше на биеналето Манифеста 14 во Приштина, Косово; а во 2023 година на 4то биенале Autostrada во Призрен, Косово.

Л’чезар Бојаџиев е еден од највидните современи уметници од Бугарија, а меѓу неговите избрани изложби се: самостојните изложби „Дистописка пријатност“, галерија Сариева, Пловдив (2018); „Л’чезар Бојаџиев. Sic transit media mundi /Сегашноста е премногу кратка и прилично тесна/“, Градска уметничка галерија Софија, Софија (ретро) (2018); и групни меѓу кои во: 2019 година „Машината на влијание“, галерија Никодим, Букурешт; 2016-17 „Economize“, музеј Лудвиг, Будимпешта, како и „Симптоми на општеството“, Музеј на уметност во Гуангдонг (Гуангжу) и Уметнички музеј Жеџијанг (Жеџијанг Шенг), Кина; во 2016 година „Студен ветер од Балканот“, музеј ПЕРА, Истанбул; „Нискобуџетни утопии“, Модерна Галерија, Љубљана; во 2015 година „Грамиката на слободата“, ГАРАЖ МЦА, Москва, „Внатре надвор“, Градска галерија, Љубљана и „Уметност за промена 1985-2015“, Градска уметничка галерија, Софија; во 2014 година „Несогласување“, ЦЦА „Античка бања“, Пловдив; во 2013 година „Економија во уметноста“, МОЦАК, Краков; во 2012 година „Најдоброто од времињата, најлошото време“, 1-во биенале, Киев и „Окото никогаш не се гледа себеси“, второ биенале, Екатеринбург; а во 2011 година „The Global Contemporary“, ЗКМ, Карлсруе и многу други.

Слични Објави