Лишени од слобода две лица кај Гевгелија поради криумчарење мигранти
На 4 ноември 2025 година, околу 20 часот, во близина на ловиштето „Погана“ во гевгелиско, полициски службеници од Полициската станица за граничен премин и граничен надзор Богородица ги лишиле од слобода лицата Д.Ј. (37) од Кавадарци и Х.А. (28) од Сирија, под сомнение за криумчарење мигранти.
Полициските службеници претходно забележале група од 16 мигранти — 13 од Египет, двајца од Турција и еден од Сирија — и во нивна близина го затекнале Д.Ј. со патничко возило марка „Шевролет Каптива“ со кавадаречки регистарски ознаки. При понатамошни мерки и активности било утврдено дека сирискиот државјанин Х.А. му помагал на Д.Ј. во спроведувањето на мигрантите, кои нелегално ја преминале државната граница.
Дополнително било констатирано дека регистарските таблички на возилото се пријавени како украдени и припаѓаат на друго возило. Мигрантите се префрлени во Прифатно-транзитниот центар во Гевгелија, а возилото е одземено.
Д.Ј. и Х.А. се задржани во полициската станица, а за случајот е известен јавен обвинител. По целосно документирање на настанот, против нив ќе биде поднесена соодветна кривична пријава.
