ЛОКАЛНИОТ КЛУБ НА ГДУ-БИТОЛА ПОБАРА ОСТАВКА ОД МИНИСТЕРОТ ЗА ЗДРАВСТВО

//

„Локалниот клуб на ГДУ во Битола останува доследен на својата изјава дека пред се ќе биде тесно поврзан со граѓаните и решавањето на нивните проблеми. Еден од секојдневните проблеми е клиничката болница во Битола која е дел од хаотичното Министерство за здравство и во изминатите неколку години вештачки се одржува статусот на клиничка болница, од фактот што неколку одделенија работат со едвај 2-3 доктори специјалисти, од кои еден дел се пред пензионирање.

Доколку министерот има намера да се фотографира со менаџерскиот тим на болницата и новопоставените бекатон плочки, најпрво ќе го замолам да се фотографира со нефункционалните апарати и помагала и персоналот кој е преостанат, па макар тоа да бидат нововработените кои ги потенцира од кои еден добар дел се партиски заслужници и членови на семејства на звучни имиња и функционери од неговата партија.

Не можам а да не го споменам одделот за онкологија од кој за спомен ни остана бункерот, а и онака големиот број на пациенти се препраќаат во Скопје за радио терапија .

Господине министер, дали ова е правиот пат кој ќе не одведе којзнае каде или вака го унапредувате здравството?
Во една нормална држава човечкиот живот има цена, а грижата за него е обврска на здравствените работници… После сите афери, уцени, изнуди, кривични пријави и физички напади кои во никој случај не ги оправдуваме и ги осудуваме, редно е да ја видиме вашата оставка на маса.



Со оглед на ротациите на Премиерот, ќе имате можност да бирате помеѓу Министерство за надворешни работи, според бројот на медицински работници кои успешно ги внесовте во ЕУ, Министерството за образование каде што веќе имате наметнато авторитет со што и ДПИ успешно го променивте во едуциран кадар за имунизација или пак Министерството за правда каде законите се толкуваат по ваша желба па дури и уставното право е згазено под вашиот збор. Не знам во кој дел на истиот тој устав сте заштитени, но сепак е добро да ја видиме вашата оставка па макар и од морални причини, доколку го поседувате тоа чуство“, изјави на денешната прес-конференција претседателот на ГДУ-Битола, Благојче Трајковски.

Претходна статија

ПРОТЕСТИ ВО КАТАЛОНИЈА ПРОТИВ ЗАТВОРСКИТЕ КАЗНИ НА ЛИДЕРИТЕ КОИ ГО ОРГАНИЗИРАА РЕФЕРЕНДУМОТ ВО 2017

Следна статија

ФАТЕН КОБРА, ОСОМНИЧЕНИОТ ЗА УБИСТВОТО НА МАРТИН ЈАНУШЕВ

Најново од Вести