Лопатка (ЕНП): Влезот на земјите од Западен Балкан во ЕУ, мора да биде базиран на заслуги
Aвстрискиот европратеник Рајнхолд Лопатка во изјава за Европската новинска редакција (ЕНР) изјави дека процесот на приклучување на земјите од Западен Балкан во ЕУ мора да биде базиран на заслуги. Ако тие не се во можност да ја завршат својата домашна задача, не можеме да им кажеме добредојдовте, вели Лопатка.
„Мислам дека е позитивно она што се случува во Црна Гора, во Албанија, а исто така сум оптимист и за Северна Македонија, изјави Лопатка, кој доаѓа од редовите на Европската народна партија (ЕПП).
Според него, кога се говори за проширувањето треба да се поздрави напредокот, но во исто време не треба да се затвораат очите кога има огромни проблеми.
Како што веќе реков, мора да го видиме напредокот во Црна Гора и во Албанија, а гледам и добри шанси за Северна Македонија. Босна и Херцеговина се соочува со многу тешка ситуација, особено со Република Српска. Србија има многу проблеми, а исто така и Косово се соочува со проблеми. Затоа дијалогот Белград-Приштина повеќе не е во нашиот центар на интерес, бидејќи во центарот сега се проблемите во двете земји, смета Лопотка.
Тој нагласува дека вклучувањето на сите земји од Западниот Балкан во ЕУ отсекогаш било во фокусот на Унијата, а особено на неговата татковина Австрија.
Европратеникот нагласува дека на граѓаните на земјите од регионот на Западниот Балкан би им порачал дека треба да ја видат додадената вредност на членството во ЕУ.
Треба да ги видат шансите на овој огромен пазар. Треба да ги видат и шансите за младите луѓе. На пример, дека имаат шанса да работат тука во европските институции. Многу Хрвати, Романци, Бугари, дури и во мојот кабинет, се од овие земји. И секако, ако погледнете наназад низ вековите, тие се дел од Европа и треба да ги искористат своите шанси. Мислам дека тоа е огромна шанса за младите луѓе. Политичарите не треба да ја пропуштат оваа шанса. Треба да им дадат шанса на своите млади луѓе, заклучува Лопатка.

