| |

Луд, збуњен, нормалан

Пишува: Тодор Вангелов

За каква деблокада на македонските евроинтеграции зборува македонската претседателка Гордана Сиљановска Давкова? Процесот за евроинтеграција на Македонија не зависел само од нас, вели Давкова, туку другите страни требало да направат конкретни чекори. Кои се тие страни? Кои страни треба да направат и какви чекори за Македонија да почне да си ги решава домашните задачи? За што ли зборува Давкова? Некоја друга страна ли треба да почне да ги реализира договорите што сме ги потпишале и обврските што сме ги презеле?

А, пак премиерот Христијан Мицкоски од Минхен порача дека потребна е поголема поддршка од Брисел за македонските евроинтеграции кои се условени со вештачки проблем – проблемот кој го наметнува нашиот источен сосед. Каков проблем ни наметнува источниот сосед? Македонија има обврска самата за себе, а после кон меѓународната заедница да ги почитува и реализира договорите што ги има потпишано, исто како што донекаде го почитува и реализира Преспанскиот договор, склучен со Р. Грција.

Го заборавивме ли Преспанскиот договор? Повеќе од 26 години Македонија имаше кочници (поставени од сите влади од осамостојувањето) на патот кон ЕУ, правејќи се заштитници на името и на некакви национални интереси, за на крај сѐ да биде завршено и тоа така молчешкум да помине. Да се менува сѐ, односно договорот со Грција да се реализира, а притоа никој да не реагира, затоа што вниманието на јавноста е свртено кон и против Бугарија. Бугарија е дежурниот виновник. Бевме славни чеда на Александар Македонски! По Преспанскиот договор Грците станаа славни чеда на Александар Македонски. За знамето и името дали воопшто треба да се пишува. Впрочем самиот Мицкоски од Салцбург, Австрија кажа дека Преспанскиот договор е брилијантно ремек – дело, кое треба да се преслика за решение со Бугарија.

Дежурната Алфа ТВ секој ден објавува нешто во врска со Бугарија во негативен контекст. Последно имаше една вест во која што се вели: „Во 21 век европска земја негира јазик и идентитет на нејзин сосед…“ и во прилог иде Мицкоски со неговите препораки од Минхен. Како да ги разбереме политичарите и медиумите во Македонија?

Бугарија е европска земја, која е наш сосед и ниту еден релевантен политичар таму нема дадено изјава во која го оспорува идентитетот и јазикот на современите Македонци. Постојат Договорот за добрососедство, потребна е неговата имплементација, а воедно со тоа го имаме и т.нар. Француски предлог, во кој јасно е запишано дека нашата земја треба да ги внесе во својот Устав припадниците на бугарската заедница, како рамноправни граѓани на РС Македонија. Од тоа како што гледаме од нервозните изјави на Мицкоски и Муцунски во Минхен, нема како да се извлечеме!

Кој тука е луд, збуњен, нормалан? Ова е наслов на хумористична босанска ТВ серија, сигурен сум дека голем број од Македонците ја знаат. Кој која улога игра? Изет, Фарук, Чомбе…? Ова потсетување на хумористичната серија е како паралела со трагикомичната состојба во Македонија.

Кој е вистинскиот виновник за забавеното евроинтегративно патување на Македонија? Македонија ли или другите страни?

Навистина посакувам Господ да им даде мудрост и разум на тие што ја водат државата, но треба ѝ самите тие да ги побараат мудроста и разумот од Бога.



Слични Објави