„Планетарните“ размисли на „македонските патриоти“
Синопсис: Кафеански дистопични приказни!
Пишува: Владимир Перев
Вовед
Во младите години масовно го гледавме Фаренхајт 451. Тоа беше апологија на вистината, апологија на книгата и светлина на остварената љубов-да се живее со “живите“ книги и саканата жена.
Потоа дојде Џорџ Орвел и неговата 1984! И Орвел и книгата беа откровение на мојата генерација. Во тоа дело имаше сѐ-имаше суровост на една државност, имаше покорност, имаше психолошка репресија, ја имаше од сите комунистички историчари толку посакуваната ревизија на минатото, па дури и сегашноста, прекројување и порачка за иднината, но имаше и љубов…многу љубов, безнадежна и неверна.
Ние денес живееме со таа љубов, безнадежна и неврна. Живееме со омраза и завист кон другите, всадена во нас од распадот на еден систем кој не убедуваше дека е “најдемократскиот и најправедниот од сите системи“. Војната во Украина и очекуваниот мир, ако воопшто може да има мир, ги пробудија во нас сите ниски и толку човечки страсти, сите прикриени надежи и сите желби за една поинаква иднина, исполнета со безчуствие кон послабиот и безнадежност за себе сѝ. Згора на сѐ, омразата кон Бугарија и бугарскиот народ го заслепува нашето видно поле и хоризонтот е само бесперспективна иднина, празен простор омеѓен со нашите злонамерни визии за себе сѝ и за другите.
Кафеаната е институција и таму може да се почувствува пулсот на еден народ, да се идентифицира неговиот код како водич кон совеста на нацијата. Крајот на војната, веќе предрешен со успехот на Русија и десператната политика на Трамп и Америка, отвораат “кафеански“ приказни за “иднината на светот“. Се враќаме одново во светот на Фаренхајт и Орвел, сега обогатен за повеќе варијанти, сите темни и безизлезни. Сите полни со омраза!
1. Денот на мирот.
Украина е победена и капитулира. Победничката Русија ги презема Приднестовието, Донецката област, се зацврснува во Крим и почнува да ја развива својата воена индрустрија во мирни услови. Украина е под двоен протекторат, во нејзините политички тела членуваат и претставници на Западот, но и претставници на “руските интереси“ во земјата. Тотална блокада. Сите ресурси се делат нерамноправно. Поголемиот дел од украинските приходи оди кон Москва на име “репарации“, а помал дел кон Западот на име “отплата на воени кредити“. Народот осиромашува и полека се раселува кон веќе осиромашениот Запад.
2. Осум години подоцна.
Прва варијанта!
Европската Унија е само на хартија, а НАТО е воена организација без човечки и технолошки ресурси. Русија, преку силна пропаганда и колаборационисти во земјите од ексВаршавскиот пакт, полека навлегува во Словачка, Романија, Молдова, а во Бугарија навлегува со воена сила без ниеден испукан куршум. Реприза на 1944 година. Ги завзема пристанишата на Романија и Бугарија на Црно море. Потоа, бугарската армија навлегува во Македонија, ја освојува и ја предава на управување/администрирање на демократските сили во Белград. Тоа е руска компензација на србите за изгубеното Косово. Македонските албанци се тргнуваат од политичката сцена и заминуваат кој за Косово, кој за Албанија. Албанскиот народ останува, на домашните огништа, за да ја дели судбината со македонците во новото српско владеење.
Втора варијанта.
Москва се договара со Анкара за распеделување на сферите на влијание. Согласни се Анкара да владе со Блискиот исток, без Иран и Сауди Арабија, со гаранции за безбедноста на Израел, а Анкара да се прошири на Запад, до Сава, Дунав и Уна, на старата граница на Османците со Австро-Унгарија. Црногорците и херцеговците тајно ќе ги читаат “Горски венец“ и “Смртта на Смаил ага Ченгиќ“, како некогаш што го читале “Комунистичкиот манифест“ во комунистичките партиски клетки, кои толку многу ги сакаа. Само Албанија останува во сферата на инерес на Западот- Италија е ментор, а Русија добива од Турција право за директен излез на Средоземно море преку пристанишата во Грција. Реализатор на договорот е Бугарија, која ги брани и администрира со руските интереси од Кавала до Деде-агач. Грција е сведена на териториите пред 1912 година.
2а. И во двете варијанти, Македонија ја сочувува својата релативна самостојност и потврда на својот идентитет. Знамето со Сонцето од Вергина “гордо“ се вее на институциите во Костур, Лерин, Благоевград, Скопје и Охрид…потврда на македонската идентичност. Руската академија на науките изјавува дека браќата Кирил и Методиј, како и Свети Климент се македонци, а македонскиот јазик е најстар и праосновата на сите словенски јазици. Истовремено, председател на Македонија, целата, онаа со Сонцето од Вергина е Новак Ѓоковиќ, а Парламентот е во Белград. Службен јазик во Македонија е српскиот, затоа што “сите го знаеме“. Председател на бугарскиот парламент е Лепа Брена, која на седниците пристигнува како е вообичаено, со хеликоптер и по гаќи. Нашиот Иван Стоиљковиќ е во Бања Лука, да ги решава шестстотини години наталожените меѓунационални проблеми со Осмалиската империја, србите и хрватите.
3. Уште три години подоцна.
Русија мирно навлегува во Естонија, Летонија и Латвија, за потоа, со мали отпори да ја завземе и Полска. Европа молчи и моли за мир.
4. Две години подоцна.
Русија е во политичка и финасова криза, висока инфлација, слабо производство и недостаток на животни намирници. Одлично обучена армија, ама слаба технологија. Прифаќа разговори за мир. Услови: Централната руска банка да учествува во работата на банките и финансиите на Германија Данска, Норвешка, Шведска и Финска и тие држави да плаќаат даноци на Москва и да учествуваат во развојот на високите технологии, но и во производството на храна и потреби од опрема на армијата. Народите од бившиот Варшавски пакт не сакаат да работат, на руската солдатеска и се потребни робови за слабо платена работа. Нив ги има меѓу германските народи. Реална реприза на филмската серија за тоа како Русите ја окупираат Норвешка за да ја принудат да произведува нафтени деривати од своите ресурси…сега тоа станува реалност.
5. Три години подоцна.
Италија, Шпанија и Португалија остануваат “самостојни“, заштитени од Алпите и Пиренеите. Тие држави Москва ги предава на африканските и арапските народи кои ги “зацрнуваат“ плоштадите на нивните градови…се остварува желбата на Моамер Гадафи. Франција, преполна со африкански и арапски избеглици, останува нешто како осамен остров на Европа.
6. Една година подоцна.
Америка пројавува интерес за изгубените европски територии и ѝ наредува на Велика Британија да ја окупира и стави под своја управа Франција, а со неа и Холандија и Белгија. Британците конечно и фактички владеат на двете страни од “Британскиот канал“! Се материјализира победата на Велингтон на Ватерло, од 1815 година.
7. Десет години подоцна.
Америка ужива во својот изолационизам, додека народите од Латинска Америка се организираат за напади врз “центарот на светската благосостојба“. Нив им помагаат диверзантски тајни групи на американци, обземени со идејата да ги сочуваат вредностите на западната христијанска цивилизација.
8. Пет години подоцна.
Русија која владее со речи си цела Европа и Кина ѝ објавуваат војна на Америка. “Латиносите“ ги пробиваат заштитните ѕидови на Рио Гранде дел Норте и помогнати од внатрешните соработници, лесно навлегуваат во Вашингтон. Како што обично бива, прво го уриваат споменикот на Трамп, потоа го бомбардираат Конгресот, за сета работа, со невидено насилие, убиства и грабежи, да са заврши за неколку недели. Официјален јазик на САД станува шпанскиот, затоа “што сите го знаат“.
9. Епилог (неопределено време)
Последните бранители на Западната цивилизација и граѓанското општество, се собираат на Гренланд, за заедно со Данското Кралско семејство да го дадат последниот отпор. Резолуциите и повиците за борба ги пишуваат потомците на Володимир Зеленски, а последната одбрана ја води веќе престарената Каја Калас. Радмила Шеќеринска ја гледа последната битка на остатоците од НАТО на телевизија во Брисел. Нашата Македонија е веќе празна, сите се расселени низ светот и по македонскиот патриотски обичај, служат во повеќе армии. Останати се само знамињата со Сонцето од Кутлеш, извалкани и искинати, да се веат низ празните македонски пространства! Како по обичај, Македонија одново “ги чека варварите“, да го потврдат “нејзиниот идентитет“.
Во тоа време, јас веќе ќе бидам умрен и одамна заборавен…благодарам на судбината.
Крај!
Послесловие
Релативно рано југословенската младина се сретна со поезијата на големиот грчки поет Константинос Кавафис. Темен, мрачен, недоречен, никогаш не бил многу омилен и на критичарите и на читателите. Ама, во времето на Тито, во времето на Студената војна, тој беше еден од омилените поети на безизлезот, на очекувањата на нашето небитие, на иднината која ќе ја нема, или во најмала рака, нема да биде светла. Денес, со неговата „Чекајќи ги варварите“ (препев на епископот Стобиски Давид), Кавафис е поетот на нашиот безизлез, поетот на незбиднатите очекувања и собитија:
– Што чекаме на плоштадов собрани?/Чекаме варварите да стигнат денес./– Зошто внатре во Собранието едно такво бездејствие?/Зошто пратениците седат, а не законодаваат?/Бидејќи варварите ќе стигнат денес…Зошто се празнат брзо патиштата и плоштадите…Оти падна ноќ, а варварите не дојдоа…и рекоа дека варвари веќе не постојат./И сега што ќе бидеме без варвари?/Тие луѓе беа за нас некој вид решение.
Македонија помина речи си цел еден век во очекување на “варварите“…претежно од исток. Тоа не се случи, но времето покажува дека сепак, подалеку на исток има вистински варвари кои ќе дојдат, нагло, неочекувано и со азијатска суровост. Ќе ни влеат лажлива доверба за нашиот идентитет и самобитност, но ќе не закрват со сите наши соседи. Затоа, да не дозволиме светот на Исаак Асимов, на Орвел и борбата за светлина на словото во Фарнхајт 451, да бидат нашата блиска иднина. Местото на Македонија и на македонците е во Европа, онаму каде што секогаш биле нашите предци и нивните (и нашите) визии!
Варварите никогаш не донесле никакво решение. Слава на Украина!
