Бугарскиот министер за правда откри комеморативна плоча „Никогаш повторно тоталитаризам“ на влезот на островот Белене
„Ништо не е заборавено. И она што се случи ќе се раскажува сè додека сме тука. Нападите врз човековите права и вековните вредности на демократијата не можат да бидат простени,“ со овие зборови бугарскиот министер за правда Георги Георгиев ја откри спомен-плочата поставена на административната зграда на затворот во Белене, јавува БГНЕС.
„Помеѓу 1949 и 1987 година, комунистичкиот режим испрати близу 20.000 логораши и политички затвореници на островот Белене. Почит пред нив и нивните семејства! Никога повеќе тоталитаризам во Бугарија!“ — гласи натписот на симболичниот меморијал, изработен по иницијатива на Министерството за правда на Бугарија.
Повод за изработка на спомен-плочата е 75-годишнината од создавањето на најголемиот комунистички логор за изолација на противниците на комунистичкиот режим во Бугарија.
„Со откривањето на оваа спомен-плоча јасно ја искажуваме позицијата на бугарската држава дека никога повеќе не смееме да ги дозволиме зверствата на тоталитарниот режим,“ рече министерот Георгиев.
Меѓу илјадниците политички затвореници испратени на островот без суд и пресуда се и дедото на сегашниот началник на затворот во Белене, како и братот на дедото на министерот за правда, кој, на свои 17 години, бил изолиран таму поради членството во горјанското движење против комунистичкиот режим воспоставен по Деветосептемврискиот преврат.
Подоцна, министерот Георгиев се приклучи на оддавањето почит пред споменот на жртвите од логорот „Белене“. Обновената пред три години комеморација се одржа на т.н. Втор објект, кој се наоѓа на островот Персин. Настанот го организира Иницијативната група, во која се вклучени бројни граѓански организации, политички партии, јавни личности. Годишните обележувања традиционално собираат поранешни логораши, нивните блиски и роднини.
За време на комеморацијата Георгиев објави дека Министерството за правда презело чекори за Вториот објект на островот Персин, каде се наоѓал логорот „Белене“, да биде прогласен за споменик на културата. „Во координација сме со министерствата за култура и екологија за да се осигура потребниот статус на ова место како место на историска меморија,“ рече Георгиев и додаде дека наредил директорот на затворот во Белене да подготви план за овозможување пристап на граѓаните до Вториот објект на островот Персин.
Министерството за правда подготвило и информативни табли кои ќе бидат поставени пред секој затвор во Бугарија каде имало политички затвореници. „Времето минува, но важните пораки ќе бидат зачувани и пренесувани на идните генерации. Нека им е светол споменот на загинатите во име на заштитата на човековите права,“ истакна во својот говор Георгиев. Тој им се заблагодари на организаторите и се сретна со поранешни логораши кои дојдоа на комеморацијата.
На годишниот настан присуствуваа и заменик-министерот за одбрана Радостин Илиев, претседателот на Сојузот на демократските сили Румен Христов, претседателот на Државната агенција „Архиви“ доц. Михаил Груев, амбасадори, пратеници, претставници, граѓани и др.

