Лукровски: Ќе ја вратиме гордоста на Карпош со нова градинка, 600 паркинг места и мега-забавен Парк 1020
Кандидатот за градоначалник на Општина Карпош од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Сотир Лукровски, ја претстави својата програма со која најави нова ера на развој, ред и модернизација на општината.
„Карпош последниве четири години целосно уназадува. Наместо реализација на проекти и подобрување на квалитетот на живот, во општината владее безредие и хаос. На Карпош му треба човек со визија, план и стратегија – човек кој ќе ги слуша граѓаните и ќе работи домаќински со општинските пари,“ изјави Лукровски.
Во својата изборна програма, Лукровски најавува неколку крупни проекти за подобрување на квалитетот на живот во Карпош:
- Изградба на нова детска градинка и проширување на постоечките;
- 600 нови паркинг места за решавање на сообраќајниот метеж;
- Мега-забавен парк „1020“ на површина од половина милион квадратни метри со спортски центар, картинг-патека и мини голф комплекс покрај Лепенец;
- Рекреативна зона „Карпош хајкинг делта“ со пешачки и велосипедски патеки, летниковци и пошумување со 10.000 садници;
- Два затворени пливачки базени за училиштата во Карпош;
- Дигитална апликација „МОЈ Карпош“, преку која граѓаните ќе можат директно да пријавуваат проблеми;
- Субвенции за реконструкција на фасади за зголемена енергетска ефикасност и поубава урбана слика.
„Карпош ќе биде зелена, чиста и модерна општина – општина што ќе ја врати довербата на граѓаните и ќе создаде услови за подобар живот,“ нагласи Лукровски.
Тој ги повика жителите на Карпош на 19 октомври да излезат на избори и да гласаат за број 9, за него и за советничката листа на ВМРО-ДПМНЕ.
„Промените се во вашите раце. Заокружете 9 – за Карпош што го заслужуваме сите!“
