МАЈКАТА НА ПИНО СО ПОРАКА ДО РОДИТЕЛИТЕ НА ОСОМНИЧЕНИТЕ: „ИМАТЕ ТРИ ДЕНА”
Мајката на убиениот Пино Секондо кој беше исчезнат со месеци, по што беше пронајден мртов, вели дека ќе ја бара правдата и дека не ги дели луѓето по вера, а на родителите на убијците на нејзиниот син им дава три дена да клекнат на колена.
Маја Трпковска даде исказ вчера во Обвинителството, па изјави дека според неа, да убиеш човек, па да си шеташ и спиеш е монструозно и додаде дека најверојатно мотив е љубомора.
Маја долго водеше битка со институциите, организираше и протест, а сега рече дека правдата ќе ја бара до крај.
За потсетување, министерството за внатрешни работи соопшти дека е поднесена кривична пријава за две лица, осомничени дека го убиле Пинета Секондо.
Осомничениот, 27-годишен жител на Скопје, делото убиство од член 123 став 1 од Кривичниот законик го сторил на 11 декември 2018 година, околу 2 часот, откако претходно се сретнал со сега починатиот. Тие заедно со патничко моторно возило „опел аскона“ пристигнале во атарот на село Арачиново во Скопје. Осомничениот извадил огнено оружје – пушка и го застрелал оштетениот во пределот на главата. Од нанесените повреди Секондо веднаш починал. По стореното дело, во обид да се скријат трагите, телото на починатиот било пренесено во село Љуботен, каде е оставено во дупка и покриено со ќебе. Осомничениот се дал во бегство и во моментов е недостапен за органите на прогонот.