Нереди низ цела Србија: палење на партиски канцеларии, шок бомби и солзавец против демонстрантите
Бран на протести ги зафати низа српски градови – од Ваљево и Лесковац до Нов Белград и Горни Милановац. Илјадници граѓани излегоа на улиците против режимот на Александар Вучиќ и владејачката Српска напредна партија (СНП). На некои места тензијата ескалира – со запалени партиски канцеларии, судири и полициски кордони, јавува БГНЕС.
Градот каде што вечерва прв започна протестот е Ваљево. Демонстрантите се собраа околу 19:00 часот и тргнаа во поворка кон зградата на полициската управа, каде што во внатрешниот двор беше распоредена жандармеријата. Протестот таму ескалира – демонстранти ја разбија вратата на градската управа. Полицијата интервенираше и ги одби, по што кордон ја блокираше улицата пред институцијата. Демонстрантите почнаа да фрлаат камења и пиротехника кон полицајците.
Во белградската општина Нов Белград, демонстрантите од Земун се приклучија кон протестантите и заедно стигнаа до седиштето на Српската напредна партија (СНП), каде што ги пречека полициски кордон. Очевидци јавуваат за експлозии, веројатно од огномети испукани кон полицијата. Полицијата употреби солзавец и шок бомби, а потоа со јуриш ги растера граѓаните.
Демонстранти во Нови Сад фрлаа боја и камења кон зградата на Социјалистичкото движење, додека во зградата на Српската радикална партија го симнаа партиското знаме и го запалија.
Српската комесарка за рамноправност, Бранкица Јанковиќ, изјави дека судирите на улиците се резултат на изгубената доверба на граѓаните во институциите: „Луѓето ја земаат правдата во свои раце затоа што не добиле заштита од оние што се должни да им ја гарантираат“, посочи таа, осудувајќи ги полициските постапки.
На нејзините зборови реагираше претседателката на српскиот парламент и висок функционер на владејачката СНП, Ана Брнабиќ. Во објава на социјалната мрежа X таа ја оцени изјавата како „зборови на човек со нула личен и професионален интегритет“.
Во Лесковац, протестанти стигнаа до зградата на СНП, но патот им беше блокиран од полициски кордон. Собраните изјавија дека ќе чекаат да се појаваат локалните партиски лидери.
Во Горни Милановац, неколку стотини луѓе со тоалетна хартија ги гаѓаа канцелариите на СНП. И таму има полициски кордон.

