МАКЕДОНИЈА ГИ ПОЧНА ПРЕТПРИСТАПНИТЕ ПРЕГОВОРИ ЗА ЧЛЕНСТВО ВО НАТО
Македонија ги почнува претпристапните преговори за членство во НАТО, откако на Самитот во Брисел на 12 јули земјата и официјално доби покана за членство. Во посета на Македонија е Делегација на НАТО предводена од директорот за европски и глобални прашања на Алијансата, Џејмс МекКи, која со претставници на сите релевантни институции вклучени во овој процес ќе разговара за политички, безбедносни, одбранбени, финансиски и правни прашања во рамки на преговорите за членство.
МекКи на денешната прес-конференција со националниот координатор за НАТО, Стево Пендаровски изрази исчекување дека Македонија ќе стане 30 членка на НАТО за приближно 18 месеци. Тој посочи дека откако ќе завршат внатрешните процедури во земјата и откако парламентите на сите земји членки на НАТО ќе ја ратификуваат одлуката за влез, Македонија ќе стане 30 членка на Алијансата.
Земајќи ги предвид минатите искуства целиот овој процес би требало да трае околу 18 месеци, посочи МекКи, кој додаде дека во разговорите со претставниците на македонските институции ќе се разговара и за низата реформи што се спроведуваат во државата, како и на оние кои допрва треба да работат во процесот на пристапување кон Алијансата.
Со посетата на оваа висока делегација на НАТО, де факто, почнуваат претпристапните преговори, а тоа што имаме Делегација на НАТО која што е составена веднаш по донесување на одлуката на Самитот во Брисел значи дека Алијансата е подготвена промптно да одговори на заложбите кои со години ги повторува, тоа е „политиката на отворени врати“. Тие имаат намера да ги исполнат своите обврски, ние треба да ги исполниме нашите обврски, рече Пендаровски.
НАТО Делегацијата, како што посочи Пендаровски со претставниците на релевантните институции нема да разговара за политичките прашања, што се домашна задача, пред се, тука се мисли на Договорот од Преспа, туку ќе се разговара за се она што е типично во текот на претпристапните преговоори со секоја земја досега, од воено-технички прашања, па се до правните и финансиските импликации од идното членство на земјата во Алијансата.
