|

Македонија гласаше во ОН против Резолуцијата на Русија за борба против величење на нацизмот

Генералното собрание на Обединетите нации усвои резолуција наречена Борба против величење на нацизмот, неонацизмот и други практики кои ги поттикнуваат современите форми на расизам, расна дискриминација, ксенофобија и нетолеранција. Резолуцијата е поднесена од Русија, а за овој документ гласале 120 земји, 10 беа воздржани, а претставниците на 50 земји гласале против. Меѓу нив е и Македонија.

Русија секоја година поднесува ваква резолуција во Генералното собрание на ОН. Овој пат, документот беше поднесен заедно со Азербејџан, Белорусија, Камбоџа, Централноафриканската Република, Куба, Северна Кореја, Екваторијална Гвинеја, Лаос, Мали, Никарагва, Пакистан, Јужна Африка, Судан, Сирија, Венецуела и Виетнам.

Резолуцијата изразува „длабока загриженост за глорификацијата, во која било форма, на нацистичкото движење, неонацизмот и поранешните членови на организацијата Вафен СС, вклучително и со подигање споменици, одржување јавни демонстрации во име на глорификацијата на нацистите, минатото, нацистичкото движење и неонацизмот“.

Документот „ги охрабрува државите да развијат и применат национални акциски планови за елиминација на расизмот, расната дискриминација, ксенофобијата и поврзаната нетолеранција, со цел, меѓу другото, внимателно да го следат феноменот на нацизмот, неонацизмот и негирањето на Холокаустот, како што се комеморативна прослава на нацистичкиот режим, неговите сојузници и сродните организации“.

Покрај тоа, резолуцијата „изразува длабока загриженост за зголемената зачестеност на обиди и активности наменети за сквернавење или уривање споменици подигнати во знак на сеќавање на оние кои се бореле против нацизмот за време на Втората светска војна, како и за незаконско ексхумирање или отстранување на останките на таквите лица”.

Извор: МКД.мк

Слични Објави